Претседателскиот кандидат на поништените избори во Романија, Калин Ѓорѓеску најави дека денеска до Централната изборна комисија ќе ја достави својата кандидатура за претстојните претседателски избори закажани за 4 мај.
- Официјално ќе се пријавам за учество на новите избори. Иако не се откажувам од идејата да се продолжи со вториот круг. Слушнав дека сакаат да ме блокираат. Се разбира, тоа би било спротивно на волјата на романскиот народ и сигурно ќе им нанесе силен удар на демократските вредности, а да не зборуваме за нивното уништување, рече Ѓорѓеску на телевизијата Реалитатеа плус.
Претходно, романскиот портал Диги 24, повикувајќи се на Фајненшл тајмс, јави дека и покрај притисокот и од САД и од Русија, кандидатурата на Ѓорѓеску може да биде одбиена поради кривична истрага.
Обвиненијата против Ѓорѓеску вклучуваат тешки кривични дела, како што е обид за поткопување на уставниот поредок со помош на фашистички групи, за што е предвидена затворска казна од над 10 години.
На 26 февруари, Ѓорѓеску беше обвинет за шест кривични дела, вклучително и ширење лажни информации, како дел од истрагата за незаконско финансирање на неговата изборна кампања во есента 2024 година.
Претседателските избори во Романија се одржаа на 24 ноември минатата година, а во првиот круг победи независниот кандидат Калин Ѓорѓеску со 22,94 отсто од гласовите. На 6 декември Уставниот суд ги поништи изборните резултати поради „утврдени нерегуларности“.