Ви благодарам за вашиот петгодишен придонес за земјата како прва жена претседател, која остави свој уникатен и посебен белег, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на почетокот на средбата со претседателката Катерина Сакеларопулу, со оглед на тоа што ова е нивна последна средба, бидејќи в четврток новоизбраниот претседател Константинос Тасулас ќе ја преземе функцијата, јави дописничката на МИА од Атина.
Сакеларопулу, која се заблагодари „за честа и довербата од пред пет години“, кога беше избрана за претседателка, истакна дека „особено во тешки времиња, политичката култура и политичкото разбирање се попотребни од кога било“.
Претседателката на Грција и грчкиот премиер разговараа за актуелните внатрешно-политички теми, за европската одбрана, а се осврнаа и на ситуацијата во Сирија.
Мицотакис ја информираше за состанокот на Европскиот совет и иницијативите за заедничката одбрана, а за случувањата во Сирија, рече дека „предизвикуваат многу силна загриженост за нас, загриженост што преку Грција ќе биде изразена денеска до Советот за безбедност на Обединетите нации“.
- Грција, уште од првиот момент ја изрази својата резервираност кон оние кои многу брзо побрзаа да го признаат сегашниот режим во Дамаск како сила која се откажа од своето минато. Грција отсекогаш имала резерви околу тоа дали е можна таква промена. И сакам да Ве уверам дека ќе продолжи да се бори за заштита на малцинствата, особено на христијанското население, кое особено нè интересира, за да може Сирија дефинитивно да ги остави зад себе раните од граѓанската војна и да не дојдеме до точка каде што еден авторитарен режим, кој ги угнетува малцинствата, суштински ќе замени другиот авторитарен режим, кој ја следеше истата практика, рече Мицотакис.
Сакеларопулу посочи дека меѓународното опкружување брзо и вртоглаво се менува и „апсолутно е клучно да постои единство и стратешка автономија за Европската унија за да се справи со прашањата и предизвиците кои постојано се појавуваат“.
- Посебно во однос на прашањето за Сирија што го спомнавте, целосно се согласувам дека треба веднаш да постои мир и да се изгради инклузивно општество, со почитување на сите заедници што ги вклучува и секако на Христијаните, кои повторно ги живеат последиците од фанатизмот и нетрпеливоста, истакна Сакеларопулу.
Новоизбраниот претседател на Грција Константинос Тасулас в четврток ќе положи свечена заклетва пред Парламентот, по што и официјално ќе ја преземе функцијата од Сакеларопулу и ќе започне неговиот петгодишен мандат.