- Одговорност побараа кавадарчани на градскиот плоштад, оддавајќи почит кон загинатите во дискотеката во Кочани. Цвеќе и пораки испишани на транспаренти, се оставаат на споменикот на градскиот плоштад.
- Излегоа да слават, не да ги оплакуваме. Тие гореа, институциите замижаа. Празни чевли, полни гробишта, доста беше. До кога вака? Одговорност. Солзите се зборови што срцето не може да ги изговори. Оганот се уште гори во нас - се пораките оставени со многу емоции.
Убиство на младината е убиство на иднината, порачаа кавадарчани.
- Граѓаните на Делчево вечерва се солидаризираа со настраданите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Со палење свеќи во Градскиот парк, тие ја изразија својата почит кон загинатите во Кочани, а воедно упатија молитви кон повредените посакувајки им поскоро оздравување.
- Неколку стотини млади луѓе, средношколци и граѓани на Крива Паланка вечерва во име на жртвите во Кочани се собраа тргнувајќи од градскиот парк, низ главната улица во градот, сѐ до зградата на општината на плоштадот „Карпошово востание“ каде што од вчера со палење свеќи на иницијатива на Советот на младите, се оддава почит на жртвите од трагедијата во Кочани.
Пред општината со шеснаесет минутен молк симболично, во знак на кобниот датум на пожарот, присутните на собирот им оддадоа почит на жртвите од трагедијата, по што запалија свеќи и се помолија за повредените, сместени на скопските клиники и во здравствените установи ширум Европа, со молитва за нивно побрзо закрепнување.
- Со собир одбележан со молк, палење свеќи и потпишување во книгата на жалост вечерва на Градскиот плоштад во Струмица голем број граѓани им оддадоа почит на загинатите во пожарот во Кочани, но и на струмичанецот Горги Горгиев (24), тапанар на групата ДНК, која трагичната вечер имаше концерт во дискотеката „Пулс“.
Со пароли во рацете младите испратија порка до институциите државата да функционира, а системот да биде без корупција.
Освен во Струмица, собири со молк и палење свеќи се одржаа во Валандово и Гевгелија
- умановци, пред сè млади се собраа вечерва на градскиот плоштад да им оддадат почит на загинатите во пожарот во Кочани. Граѓаните запалија свеќи пред фотографиите на починатите.
Дел од младите носеа транспарентни со кои направија обиколка на главните градски улици, булеварот „Трета МУБ“, улиците „Гоце Делчев“ и „Илинденска“, извикувајќи „Правда за Кочани“, „Доста е корупција“, „Правда за Македонија“
- Во тишина, со транспарентот „Доста е“ на кој беа испишани имињата на петмината штипјани загинати во дискотеката во Кочани, како и датумите на сите големи несреќи во земјава вечерва се одржа собир во Штип.
Штипјани со длабока тага во потполна тишина им одадоа почит на загинатите.
Роднини, другари, другарки, граѓани се собраа на Градскиот плоштад „Слобода“, а потоа во поворка одеа низ улиците на Штип, поминувајќи покрај соборниот храм „Свети Никола“, каде што биеше и камбаната, по што по улицата покрај кејот на река Брегалница поворно се вратија на Градскиот плоштад „Слобода“.