Министерството за внатрешни работи покажува дека нема милост кон криминалците и поднесе кривична пријава за член од обезбедувањето на премиерот Христијан Мицкоски, кој трговал со информации и изнудувал пари со тие информации. Тој вчера беше уапсен, а судот денеска му определи 30-дневен притвор.
Ангел Сарамаков, полицаец од 6-та управа на МВР, кој до вчера беше дел од обезбедувањето на премиерот Христијан Мицкоски, е осомничен за кривично дело „оддавање службена тајна“ од користољубие или заради користење на податоците во странство, за што минимална затворска казна е 1 година, а нема предвиден максимум и може да се движи до 20 години затвор. Сарамаков беше уапсен во Велес заедно со уште едно лице и со ранец полн со полициски службени информации.
„При спроведувањето на полициската акција и преземените мерки и активности, на паркинг простор пред хотел во Велес, во возило “БМВ” затекнати се А.С., полициски службеник во Одделот за заштита на определени личности и објекти и Б.К., а при извршен претрес во возилото пронајден е ранец со службени материјали од МВР и од лицата се одземени мобилни телефони, по што се лишени од слобода. Во рамки на акцијата, дополнително се извршени претреси на повеќе локации, при што се пронајдени и одземени електронски уреди, службени документи и други предмети релевантни за истрагата“, соопшти МВР за акцијата.