Суд во Букурешт ја одби жалбата на романскиот бизнисмен Богдан Пешкир, кој се смета за главен финансиски поддржувач на кампањата на поранешниот претседателски кандидат Калин Ѓоргеску на платформата ТикТок. Судот одлучи Пешкир да остане во притвор, објави агенцијата „Аџерпрес“.

Еден од судиите во случајот предложил Пешкир да биде ослободен, но судот го отфрли предлогот.

Пешкир е обвинет од Главното обвинителство за поткупување гласачи преку електронска комуникација.

Според обвинението, во периодот од 28 март 2024 до 31 јануари 2025 година, Пешкир понудил вкупно 879.521 долар во форма на „подароци“ преку ТикТок (виртуелни подароци што можат да се конвертираат во пари) и дополнителни 302.547 леи и 17.859 долари преку трансакции на Револут кон 265 лица, со цел да ги поттикне да гласаат за одреден кандидат на изборите во 2024 година.

Името на Пешкир се споменува во документи на Романската служба за разузнавање, кои беа претставени пред Врховниот совет за национална безбедност. Врз основа на тие документи, Уставниот суд на Романија на 6 декември го поништи резултатот од првиот круг на претседателските избори, кој беше освоен од Ѓоргеску.

Романското разузнавање тврди дека Пешкир користел профил на ТикТок под името „bogpr“, преку кој извршил трансакции во вредност од над еден милион евра за финансирање на кампањата на Ѓоргеску

Претставници на ТикТок потврдија дека профилот „bogpr“ извршил плаќања од 381.000 долари во периодот од 24 октомври до 24 ноември 2024 година кон инфлуенсери што го промовирале Ѓоргеску, вклучувајќи и по завршувањето на кампањата.

Според разузнавачките служби, финансирањето на инфлуенсерите на ТикТок било организирано преку платформата „ФејмАп“ (FameUp), каде што биле објавувани понуди за платени реклами. Откриено е дека еден од методите за привлекување инфлуенсери било директно контактирање преку електронска пошта од компанија со јужноафриканско потекло, која нудела по 1.000 евра за споделување на видео-содржини.