Во однос на обвинувањата од ДУИ, премиерот Мицкоски порача дека „колку повеќе функционери од ДУИ се фатени во криминал додека ги вршеле функциите во минатото, толку повеќе ќе заострува нивната реторика “.

- Работиме и докажавме дека работиме неселективно и така и ќе продолжиме. За оваа Влада, на сите речиси 26 илјади квадратни километри, секој еден квадратен километар е важен, без разлика дали таму живеат Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци и останати. Без разлика, дале е градоначалник од Вреди, ВМРО-ДПМНЕ или ЗНАМ, или ДУИ, од СДСМ или некој независен, нашиот интерес се граѓаните, изјави Мицкоски.

Изјавата на Али Ахмети дека Албанците во земјава биле деградирани, Мицкоски ја оцени како безпредметна, бидејќи, како што рече, оваа Влада има толку многу успеси за сите граѓани.

- Ние не ги делиме така граѓаните, имаме мултиетничко општество, кое што треба да го негуваме и треба во таа насока и да продолжиме. Ние ги делиме граѓаните на оние кои се лојални, чесни и додаваат вредност, кои што ги почитуваат законите и Уставот и оние кои што не ги почитуваат и треба да одговраат пред истите тие закони и Устав. Нема тука етнички или политички поделби, нагласи Мицкоски.

Говорејќи на темата, тој додаде, дека на ДУИ ѝ препорачува да се врати на зелената агенда што ја промовираше пред неколку години и така можеби ќе излезе со некоја квалитетна идеја.

„Помина времето на таков тип поделби, јас ги разбирам, во отсуство на идеи, во отсуство на креација, а исплашени оти гледаат дека конечно одговараат пред законите тие ќе продолжат да наметнуваат вакви теми. Тоа е начинот на политика кои тие одбрале да го водат, што јас мислам дека е погрешен. Јас би ги повикал да се вратат на онаа зелена агенда којашто ја промовираа пред неколку години кога џогираа на падините на скопско Водно, можеби при таков џогинг ќе им се разбистри имот и ќе дадат некоја квалитетна идеја“, изјави Мицкоски.