Русија одлучно одбива да дозволи распоредување војници од други странски земји во Украина како гаранција за безбедноста и ќе го смета нивното присуство во Украина за закана што може да предизвика директен конфликт со НАТО, изјави денеска портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
Захарова на прес-конференција во Москва рече дека Европејците „немаат право да одлучуваат“ за ова.
-Ова носи ризик од директни борбени дејствија меѓу актери од поединечни членки на НАТО, а со тоа и целиот сојуз со нашата земја, рече Захарова.
Со оваа изјава, наведуваат агенциите, таа уште еднаш ја нагласила руската позиција во однос на дискусиите на Запад за тоа дали е можно испраќање војници без одобрение на Москва.
-Во пракса, тоа би значело дека овие земји стануваат страни во конфликтот на страната на режимот во Киев, рече Захарова.
Агенциите потсетуваат дека Франција и Велика Британија работат на создавање на таканаречената „коалиција на подготвените“, која на крајот би испратила европски воен контингент кој треба да го заштити мирот во Украина и да спречи идни руски напади.