Српската нафтена компанија НИС се соочува со проблеми при набавка на сурова нафта од странски трејдери а нејзините клиенти бараат алтернативни снабдувачи поради очекуваните американски санкции, соопштуваат дел од американските медиуми.
Контролниот пакет на НИС е во сопственост на „Гаспром“ и „Гаспромњефт“, и тоа е една од последните руски нафтени активи во Европа. Компанијата управува со најголемата рафинерија во Србија лоцирана во Панчево, и има клучна улога во енергетската безбедност на земјата.
Американската Канцеларија за контрола на странски имот (ОФАК) во јануари годнава ја стави НИС на црната листа, и му даде 45 дена на „Гаспромњефт“ да се повлече од инвестицијата, рокот неколку пати беше продолжен.
НИС обезбедува околу 80 отсто од бензинот и дизелот во Србија и над 90 отсто од авионското и мазутното гориво. Компанијата го откажала тендерот за набавка на нафта за 2025 година и сега врши краткорочни набавки на спот-пазарот од трејдери кои сè уште соработуваат со неа.
-Компанијата се приспособува да работи во новите околности, изјавија од НИС.
Според податоци на Kpler, во 2025 година НИС преку хрватското пристаниште Омишал успеала да увезе околу 28.000 барели сурова нафта на ден, споредбено со 40.000 во 2024 и 70.000 во 2023 година.
Австриската OMV и грчката Eko сега сами увезуваат гориво за своите мрежи во Србија, поради што ја прекинале соработката со НИС. Компанијата изјави дека останува подготвена да ги исполни сите обврски кон клиентите и дека рафинеријата во Панчево работи нормално, пренесуваат медиумите