Последната голема опозициска партија во Хонг Конг денеска направи клучен чекор кон самораспуштање, јавија британските медиуми.
Петмина високи членови на Демократската партија денеска изјавија дека во последниве месеци кинеските власти побарале распуштање на партијата и се заканиле со сериозни последици, вклучително и апсење, доколку не го сторат тоа.
Демократската партија беше основана во Хонг Конг во 1994 година. - три години пред поранешната британска колонија да биде вратена во Кина во 1997 година.
Партијата беше главната опозиција во Хонг Конг, обединувајќи ги демократските сили и вршејќи притисок врз Пекинг за демократски реформи и зачувување на граѓанските слободи, забележуваат британските медиуми.
Лидерот на партијата Ло Кин Хи изјави за новинарите дека 90 отсто од присутните 110 делегати на денешниот состанок гласале за покренување постапка за распуштање на партијата.
-Се надевам дека политичките партии во Хонг Конг ќе продолжат да работат за народот. Отсекогаш се надевавме дека ќе му служиме на народот на Хонг Конг и ќе правиме работи што се корисни за општеството, рече тој, додавајќи дека конечното гласање за распуштање на партијата ќе се одржи во наредните месеци.
Лидерот Ло не објави точен датум за завршување на процедурата, но рече дека распуштањето на партијата би можело да заврши најдоцна следната година.
-До нејзиното конечно распуштање, партијата ќе продолжи со вообичаената работа, додаде тој.