Советот на Општина Кочани ја одржa 62. седница на која единствена точка на дневен ред беше избор на в.д. градоначалник по оставката на градоначалникот Љупчо Папазов, кој е еден од осомничените за пожарот во дискотеката „Пулс“ во која животот го загубија 61 лице, а околу 200 се повредени. Кандидатура за в.д градоначалник на седницата поднесе советникот Венко Крстевски, избран од група избирачи, додека од ВМРО-ДПМНЕ беше предложен координаторот на советничката група Гоце Марков.
Кандидатите за в.д. градоначалник имаа кратки образложенија на своите кандидатури, по што на седницата беа изнесени низа лични дискредитации и навреди за и меѓу предложените кандидати.
Кристина Атанасова Арсова, советничка од ВМРО ДПМНЕ, пак, на седницата јавно ја предаде својата оставка на функцијата. Образложи дека неприфаќа вакво политичко препукување особено што и самата е засегната бидејќи нејзиното дете е едно од повредените во пожарот во дискотеката Пулс.
Во Советот на Општина Кочани има 19 членови, од кои девет се од ВМРО-ДПМНЕ, осум од СДСМ, еден независен и еден од Левица.