На денешната собраниска Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците не помина Иницијативата на „Европски фронт“ за одржување надзорна расправа за истрагата за трагедијата во Кочани. За Иницијативата гласаа четворица членови на Комисијата на политичките партии „Европски фронт“ и СДСМ.
Пратениците-членови на ВМРО-ДПМНЕ и „Влен“ истакнаа дека тоа што не гласаа не значи дека се против одржување на надзорна расправа, туку се за опфаќање и на сите други претходни трагедии како Модуларната болница во Тетово, „Беса транс“.... Потенцираа дека додека има активна истрага за случајот во Кочани, Собранието не би било добро да одржи надзорна расправа оти, тоа, како што нагласија, би било како вршење притисок и мешање во овој процес. Потенцираа дека тие лица кои во минатиот мандат блокирале и не правеле кворум во Анкетната комисија да се расправа за трагедиите во модуларната болница и „Беса транс“ да побараат да се расправа за трагедијата во Кочани.
- Ние не гласавме за овој предлог, не бидејќи сме против да се расправа за трагедијата што се случи во Кочани, меѓутоа бараме истовремено да се дебатира и за другите трагедии што се случија во последните 4-5 години. Не можеме да изоставиме дискусија за настаните во Модуларната болница во Тетово каде починаа 45 луѓе, за автобуската несреќа на Беса транс. Ако системот е дисфункционален, значи дека треба да ги чепкаме сите теми. Првиот преседан се случи во претходниот мандат. Јас бев претседател на Анкетната комисија за правата и слободите на граѓанинот, закажав дискусија со сите материјали, се обратив до министерствата, институциите, донесоа писмени извештаи и закажавме редовна седница на Анкетната комисија за дискусија за несреќите со „Беса транс“ и Модуларната болница во Тетово. Претседателот на Собранието ја суспендираше работата на Комисијата. Значи, првпат во парламентарната историја на оваа држава се случи суспензија на работата на матичната комисија. Никогаш во историјата не се случило. Сега истите лица кои суспендираа таква седница, сега бараат принцип. Нема никаква логика. Ќе се дискутира, ама за сите несреќи заедно, рече пратеникот на „Влен“, Халил Снопче.
Пратениците-членови на СДСМ нагласија дека не е време за собирање политички поени во вакви трагедии каде животот гоизгубија 61 лице и околу 200 повредени.
Пратениците од Европскиот фронт оценија дека со тоа што не е изгласана потребата за одржување на надзорна расправа, се бега од вистината и власта покажува дека не е гласот на народот.
- Жалосно е за тие млади души во Кочани и ќе им изразувам сочувство на нивните родители и роднини. Но, едно треба да знаат - неставањето на дневен ред на оваа иницијатива каде што сите институции треба да ја обелоденат вистината и треба да бидат транспарентни, не посакуваат да се стави на дневен ред, бидејќи позади ова стои вистината. Оваа иницијатива не ја гласате бидејќи Мицко е опфатен на индиректен начин во овој случај, додека Тошковски и неговите соработници се опфатени на директен начин во случајот во Кочани, рече Садула Дураку ид ДУИ.
Дураки неколку пати беше предупредуван од претседателот на Комисијата за политички систем Љупчо Пренџов дека изминало предвиденото време за процедурално обраќање, на што Дураки одговори дека нема маж, Влада и Собрание што може да му го одземе неговото право на збор по што уследи кратка расправија меѓу претседателот на Комисијата Љупчо Пренџов и пратеникот од ДУИ Блерим Беџети.
Беџети потенцира дека ќе ги искористат сите средства што им ги овозможува Деловникот.
- Се бара само дебата, и мене ми е жал што не гласате да се дебатира за трагичниот настан во Кочани. Како ние ова да го разбереме? Ние треба да дебатираме и да гледаме дали ова е демократска држава или оди кон широк тоталитаризам. Ако оди кон широк тоталитаризам, тогаш Албанците ќе имаат збор, а не само пратениците, рече Беџети.
Основното јавно обвинителство Кочани вчера до Основниот суд во Кочани достави предлог за определување мерки за претпазливост за последниот 19-ти осомничен на кого беше проширена истрагата за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, информираа од Обвинителството. Бројот на осомничени за пожарот во клубот „Пулс“ во Кочани достигна 52 физички и три правни лица, откако Обвинителството викендот ја прошири истрагата со уште 19 лица. Од новоосомничените, тројца се министри за економија, тројца овластени градежни инспектори во Општина Кочани, тројца директори на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), еден генерален инспектор во ДЗС, три службени лица во Министерство за економија, двајца државни секретари во Министерството за економија и четири пазарни инспектори во Државниот пазарен инспекторат (ДПИ). Актуелниот министер за економија не е опфатен со истрагата, бидејќи според Обвинителството, досега нема ниту еден доказ дека од него било побарано продолжување на лиценцата на објектот на клубот „Пулс“ во Кочани.
Од новоосомничените, тројца биле министри за економија, тројца овластени градежни инспектори во Општина Кочани, тројца директори на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), еден генерален инспектор во ДЗС, три службени лица во Министерство за економија, двајца државни секретари во Министерството за економија и четири пазарни инспектори во Државниот пазарен инспекторат (ДПИ). Актуелниот министер за економија не е опфатен со истрагата, бидејќи според Обвинителството, досега нема ниту еден доказ дека од него било побарано продолжување на лиценцата на објектот на клубот „Пулс“ во Кочани.
Поголема пратка на обрасци за пасоши се очекува да пристигне кон крајот на овој месец, изјави вечера министерот за внатрешни работи во техничката Влада, Панче Тошковски.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски вчера во изјава за медиумите истакна дека истрагата за трагедијата во Кочани не е завршена, истакнувајќи дека против секого за кого постојат докази е поднесена пријава од страна на МВР, како и дека ќе биде соодветно процесуиран секој за кој ќе се најде доказ дека е причинско-последично поврзан со предметниот кривично-правен настан од аспект на исполнување елементи на конкретно кривично дело. Според него, и МВР не е поштедено од истрагата која го опфаќа периодот од 2012 година до денес.
По акцијата во сабота за приведување на новосомничените и проширувањето на истрагата, Основниот суд Кочани завчера го прифати барањето на Обвинителството и определи 30-дневен притвор за четири лица, за шест лица куќен притвор согласно член 163 и мерки за претпазливост согласно член 146 од Кривичниот законик, а за осум лица мерка за претпазливост согласно членот 146. Имаат право на жалба во законскиот рок, во зависност од мерката што им е одредена, од 24 часа до 72 часа. Сите, како и претходните за кои беше поведена истрага, се осомничени за „Тешки дела против општата сигурност“ од член 292 во врска со член 288 од Кривичниот законик, но не е исклучено да има обвиненија и по други кривични дела ако тимот јавни обвинители што ја води истрагата го оцени тоа.
Како што соопшти државниот обвинител Љупчо Коцевски завчера на прес-конференција, досега е поведена истрага кон 45 физички и три правни лица. Едно од физичките лица во меѓувреме почина и против него истрагата ќе биде прекината. Дополнително се води истрага и против седум полициски службеници.
Во однос на одговорноста на локалните власти, врз основа на досегашните истражни дејствија, покрај тројцата градоначалници на Кочани кои се веќе осомничени, Обвинителството дошло до основано сомнение за можна одговорност и на тројца овластени општински градежни инспектори, кои постапиле спротивно на своите надлежности и овластувања од Законот за градење и Законот за инспекциски надзор, потенцира дека воопшто не извршиле никаква инспекциска контрола на објектот кој со години бил незаконски пренаменет од објект за лесна индустрија во угостителски објект без никакви безбедносни стандарди.
Во рамки на Дирекцијата за заштита и спасување, освен претходно осомничениот директор, истрага е поведена за уште три лица на истата функција, вклучително и актуелниот директор, како и против генералниот инспектор во Дирекцијата кој бил на таа позиција во текот на целиот период на функционирање на клубот.
Покрај претходно осомничениот министер за економија, државен секретар и уште тројца раководни службеници, сега новоосомничени се уште три лица кои во одреден период од функционирање на клубот ја извршувале функцијата министер за економија, двајца државни секретари и уште три службени лица на раководни позиции надлежни на одделите за угостителство и туризам, кои се сомничат.
Од аспект на Државниот пазарен инспекторат, истражните дејствија до овој момент, покрај тројца веќе осомничени, според Обвинителството, упатуваат на основани сомненија на уште четири пазарни инспектори кои биле надлежни да вршат инспекциски надзор за правилна примена на важечките закони и подзаконските акти.
Во пожарот на 16 март годинава во дискотеката „Пулс“ во Кочани животот го загубија 61 лице, а околу 200 млади луѓе беа повредени. Девет лица од повредените се лекуваат во болници низ Скопје, а 48 во странство. Експерти од Англија и наши доктори подготвуваат протокол за тежина на клиничката слика на пациентите од трагедијата во Кочани.
Собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците денска ќе одржи и друга седница, на чиј дневен ред е Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за процена, во второ читање.