Украина и САД постигнаа „значаен напредок“ во преговорите за договорот за ретки минерали и ќе потпишат соодветен меморандум во блиска иднина, рече првиот заменик-премиер и министер за економија на Украина, Јулија Свириденко.

Американскиот претседател Доналд Трамп сака да го склучи билатералниот договор за ретки минерали како дел од неговите обиди да го запре конфликтот во Украина. Трамп гледа на таквиот договор како средство за враќање на милијардите долари што САД ги потроши за воена помош за Украина. Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Киев нема да ја признае претходната американска воена помош како заем.

„Нашите технички тимови работеа заедно многу темелно на договорот и постигнавме значителен напредок. Нашите адвокати ги идентификуваа вистинските акценти во нацрт-договорот и им благодарам на преговарачите од двата тима“, рече Свириденко.

Таа додаде дека работата на договорот ќе продолжи и дека двете страни се договориле во блиска иднина да склучат меморандум за разбирање како прв чекор за консолидирање на овој напредок.

Минатиот месец, администрацијата на Трамп предложи нов, поширок договор за ретки минерали, кој не му дава на Киев идни безбедносни гаранции, но бара од него да ги стави под контрола на заеднички инвестициски фонд сите приходи од експлоатација на природни ресурси од државни и приватни компании низ Украина.

„Идниот договор ќе бара ратификација од украинскиот Парламент и се очекува да помогне во економскиот раст на двете земји“, рече Свириденко, без да даде дополнителни детали.

„Договорот ќе создаде можности за инвестиции и развој во Украина и услови за опиплив економски раст како за Украина, така и за САД“, додаде Свириденко