Претседателката на српското Собрание Ана Брнабиќ денеска изјави дека седницата на Oдборот за култура и информирање е свикана за понеделник - 28 април, во 15 часот и со тоа според неа, навремено е одговорено на барањето на опозицијата во врска со Регулаторното тело за електронски медиуми (РЕМ), јави дописникот на МИА од Белград.
Како што рече таа, на дневен ред ќе биде она што денеска го побара опозицијата.
„Повикувам да престанат блокадите. Повикувам на разговори. Повикувам да се прекине малтретирањето и понижувањето на луѓето, прогонот и заканите што се водат девет дена пред РТС“, рече Ана Брнабиќ.
Членовите на собранискиот Одбор за култура и информирање од редовите на опозицијата претходно денеска побараа итна седница на тоа тело, на која би се поништила претходната и би почнал нов процес на избор на членови на Советот на Регулаторното тело за електронски медиуми, што е и барање на студентите кои ги блокираат зградите на Радио - телевизија Србија во центарот на Белград и на Кошутњак