Политичките партии од бошњачкиот граѓански блок во владејачката коалиција во БиХ во четвртокот ги повикаа службите за државна безбедност и судството да реагираат решително откако припадниците на полицијата на Република Српска го спречија апсењето на Милорад Додик, шефот на тој ентитет, по кој беше распишана потерница, еден ден претходно.

Во средата вечерта, тројца инспектори од Државната агенција за истраги и заштита (СИПА) пристигнале во владината канцеларија на РС во Источно Сараево додека Додик престојувал таму, со намера да му го врачат решението на Судот на Босна и Херцеговина со кое му беше одреден едномесечен притвор.

Инспекторите, кои се појавиле без никаква поддршка, како што се очекува при ризични апсења, биле запрени на приодот до зградата од припадници на полицијата на РС, меѓу кои и специјалци со митралези.

Голем број полицајци на МУП на РС утрово беа распоредени во Источно Сараево дополнително обезбедувајќи ја зградата во која се наоѓаат канцелариите на ентитетските власти, од која главното седиште на СИПА е оддалечено помалку од еден километар.

Реагирајќи на неуспешниот обид за апсење на Додик, СДП БиХ, Народ и Правда (НиП) и Нашата партија (НС) објавија заедничко соопштение во кое ја изразија својата целосна поддршка за СИПА и другите безбедносни агенции на државно ниво.

„Ги охрабруваме упорно, професионално и стручно да продолжат со своите активности се додека не се спроведат одлуките и наредбите на правосудните органи на Босна и Херцеговина, бидејќи никој не е и не треба да биде над законот“, се вели во соопштението.

Освен тоа, тие го повикаа Обвинителството на БиХ да покрене кривична постапка против одговорните во МУП на РС за спречување апсење на Додик.

Кон средината на март, Судот на Босна и Херцеговина им одреди едномесечен притвор, покрај Додик, и на претседателот на Парламентот на РС Ненад Стевандиќ и на премиерот на ентитетот Радован Вишковиќ, бидејќи тие одбија да одговорат на повиците на Обвинителството на БиХ за сослушување во рамки на истрагата покрената под сомнение дека сториле кривично дело - обид за уривање на уставниот поредок.

Неуспешниот обид за апсење на Додик е прв откако по него е распишана потерница, додека Стевандиќ и Вишковиќ досега никој не се обидел да ги уапси. Покрај тоа, Стевандиќ и Додик во неколку наврати патувале во странство, а засега не е разјаснето како успеале да ја поминат границата на Босна и Херцеговина.