Шефицата на словенечката дипломатија Тања Фајон и поранешниот претседател на Словенија, Борут Пахор на денешното отворање на дводневната конференција Пријатели на Западен Балкан во Љубљана, ја истакнаа важноста од проширувањето на Европската унија (ЕУ) кон земјите од Западен Балкан.
Фајон посочи дека проширувањето на ЕУ е геополитичка нужност, додека Пахор предупреди дека се влошува ситуацијата во регионот.
- Ако сакаме да го забрзаме процесот на проширување, мора да дејствуваме храбро, наведе Фајон на почетокот на Втората меѓународна конференција на Пријатели на Западен Балкан насловена „Новата глобална геополитика и Западен Балкан“.
Според неа треба да се смени досегашниот пристап „се или ништо“ и повеќе да инвестира во концептот на постепено вклучување на потенцијалните нови членки односно земјите кандидати треба да учествуваат во клучните политики на ЕУ и пред полноправното членство.
- Но, за да бидеме јасни – мора да се решат прашањата за владеењето на правото, независноста на судството, корупцијата и слободата на медиумите. Конфликтите и политичките поделби продолжуваат да го попречуваат напредокот, предупреди Фајон.
Додека Пахор наведе дека изминатите години е скромен напредокот во проширувањето на ЕУ.
- Западен Балкан не е познат по својата стабилност … Можеби изгледа дека Западен Балкан останува мирен и безбеден, но според мене ситуацијата се влошува. ЕУ има две можности – или ЕУ ќе оди по патот на САД или по патот на постепен распад. Нема многу простор за компромис меѓу тие две опции, истакна Пахор.
Тој, исто така, е убеден дека единствениот вистински начин за проширување на ЕУ кон Западен Балкан е оној што ќе овозможи истовремено пристапување на сите шест земји од регионот во Унијата.
Пахор предупреди и дека се влошуваат глобалните околности.
- Сведоци сме на враќање на политиката на моќ и сферите на влијание. Меѓународните институции, кои од основањето на ОН работеа на зачувување на мирот, безбедноста и благосостојбата, драматично го губат своето значење и влијание. Се враќа протекционизмот. Бројот на вооружени конфликти се зголемува, истакна Пахор.
Извршната директорка и претседателка на Националниот комитет за надворешни работи на САД, Сузан Елиот се заложи за силна ЕУ го поддржа проширувањето на Унијата на Западен Балкан.