Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“ (СУ) почна работа на проект за културните врски меѓу Бугарија и Република Северна Македонија, соопштија од прес-центарот на високото училиште.

Проектот, насловен „Културна зона – заедница на културно наследство и атрактивен вонсезонски туризам“, почна како дел од Територијалната стратегија „Интегриран развој на прекуграничниот регион“ од програмата INTERREG VI-A IPA Бугарија – Северна Македонија 2021-2027.

Водечки партнер на проектот е Регионалниот историски музеј „Акад. Јордан Иванов“. Во иницијативата учествуваат и Општинскиот историски музеј – Дупница, Градскиот музеј – Крива Паланка и НВО „Пеонија“ од Кратово, Република Северна Македонија, со поддршка на Општина Ќустендил. Софискиот универзитет е одговорен за експертското и логистичкото обезбедување на меките мерки во активностите, соопштуваат од институцијата.

Проектот ќе се реализира во времетраење од две години со неповратна финансиска помош од 984.870 евра. Основната цел е да се стимулира развојот на туризмот преку создавање на атрактивен туристички производ кој ќе привлекува посетители во текот на целата година.

Од универзитетот објаснија дека проектот цели кон зачувување на културното наследство преку инвестиции во значајни објекти во културната и историската урбана средина. Тој ќе придонесе за зајакнување на регионалната соработка меѓу Бугарија и Северна Македонија, поттикнувајќи добрососедски односи, културна поврзаност и подобрување на квалитетот на живот на локалното население преку нови културни настани и активности.

Активностите во рамките на проектот се насочени кон претставување на културната поврзаност преку традициите и иновациите во секојдневниот живот од периодот на Преродбата. Планирани се инвестиции во објекти во Бугарија и Северна Македонија, вклучувајќи ревитализација на куќата музеј „Емфиеџиева куќа“ во Ќустендил, создавање дополнителни музејски простори во Градскиот музеј во Крива Паланка и изградба на музеј на отворено во село Градец, соопштија од прес-центарот.

Заедно со партнерите ќе бидат предложени интегрирани решенија со различни меки мерки за развој на „Културната зона“ преку културно наследство, туризам и образование. Ќе се користат современи дигитални решенија во експозицијата, ќе биде развиена платформа и дигитална апликација, како и други дигитални производи за привлекување на посетителите.

Од универзитетот објаснија дека ќе се поттикнува меѓусекторската соработка во областа на истражувањата и организацијата на настани, како и размената на добри практики и спроведувањето на обуки. Ќе се организираат едукативни тематски работилници, вклучително и со елементи на гејмификација.

Ќе биде создаден дигитален каталог со 3D модели на стари куќи под наслов „Старите куќи на градот раскажуваат приказни“ (Ќустендил – Дупница – Крива Паланка – Кратово), со цел зачувување и популаризација на архитектонското наследство од XIX и почетокот на XX век. Во рамките на проектот ќе се одржат културни настани, еколошки обуки за деца и тридневен балкански фестивал во Кратово.