Крводарителска акција по повод 3 мај - Светскиот ден на слободата на медиумите, се реализира денеска во Скопје, Битола, Струмица, Прилеп и Штип. Организатор е Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), во соработка со Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и со поддршка од Црвен крст на Град Скопје.

Претседателот на ССНМ, Павле Беловски во изјавата во Скопје рече дека 3 мај - Светскиот ден на слободата на медиумите, заедно со 1 мај и з ноември во симболична смисла се „трите најважни денови за нас, денови во кои се обединуваат сите наши залагања, сето она за што се бориме - безбедни, слободни и социо-економски обезбедени новинари предуслов за слободно и професионално новинарство, како еден од главните столбови на демократијата".

- Ова е трета година како го одбележуваме Светскиот ден на слободата на медиумите со крводарителска акција и притоа се приклучуваме кон глобалното одбележување на овој ден предводено од УНЕСКО, но и од Меѓународната федерација на новинари. За жал, поради календарските околности овојпат го одбележуваме неколку дена пред 3 Мај, но и еден ден пред 1 мај. Утре како и денеска, повторно ќе испратиме слични пораки, како онаа дека борбата за работничките и за професионалните права е иста, не постојат едната без другата. Само солидарни, општествено свесни новинари и медиумски работници може да бидат чувари на јавниот интерес и професионално да ја известуваат јавноста што е основ за развој на едно демократско општество, порача Беловски.

Тој истакна дека УНЕСКО, оваа година Светскиот ден на слободата на медиумите го одбележува под слоганот „Известувањето во новиот храбар свет - влијанието на вештачката интелигенција врз слободата на медиумите".

-Вештачката интелигенција, но и пребрзиот развој на технологијата се сериозни предизвици за новинарството што мора да ги издржи и да биде во тек со нив. Остануваме на констатацијата дека во овој нов свет само професионално и етичко новинарство може и е најдобрата одбрана против дезинформациите и лажните вести, укажа Беловски.

Како што дополни, денес во државава иако навидум постои слобода на изразување, таа е под сериозни суптилни закани што произлегуваат од притисоци од центри на моќ, лоша финансиска состојба во која се наоѓаат медиумите, развој на медиумски пустини во голем дел од територијата на државата, закани за новинарите и медиумските работници, особено во онлајн просторот.

-Потенцирам дека без слободни медиуми, слободни новинари кои се врската помеѓу јавноста, граѓаните и оние што донесуваат одлуки за секојдневниот живот, не може да стане збор за слободно, демократско и општество што се развива и напредува, дециден беше Беловски.

Со оваа акција, посочи дека третпат по ред сакаат да покажат дека новинарите и медиумските работници се обичен дел од општеството, дека се солидарни и го чувствуваат гласот на обезмоќените, на граѓаните.

- Сакам исто така овогодинешната акција да ја посветам на солидарноста, на здружувањето и емпатијата и со неа да искажеме почит кон жртвите во трагедијата, што минатиот месец се случи во Кочани. Во овие времиња, особено е важна солидарноста, како помеѓу новинарите и медиумските работници, така и во целото општество, нагласи Беловски.

Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски рече дека се собрани, не само за да се даде крв, туку и за да се даде симболичен глас за вредностите за што има борба секојдневно: за слободното, одговорно и безбедно новинарство, за солидарноста меѓу нас и за посветеноста кон општеството.

-Трети мај служи како потсетник за ризиците со што се соочуваат новинарите ширум светот во потрагата по вистината. Новинарите често работат во опасни средини, соочени со цензура, малтретирање, заплашување, па дури и насилство. Слободата на медиумите е тесно поврзана со правото на пристап до информации. Овој ден се залага за слободата на информациите како основно човеково право, клучно за информирано донесување одлуки, јавниот дискурс и функционирањето на демократските општества, подвлече претседателот на ЗНМ.

Тој истакна дека новинарството е професија што има една посебна мисија, да го штити јавниот интерес и да биде совеста и гласот на заедницата. Со оваа крводарителска акција, се испраќа силна порака дека сме тука едни за други.

-Да не заборавиме: слободата на медиумите не е дадена еднаш засекогаш. Тaa ce освојува и се чува секојдневно со професионализам, со одговорност и со солидарност, подвлече Чадиковски.

Александра Валкановска од Црвен крст на Град Скопје рече дека дарувањето крв е хуман чин и посака крводарителската акција да стане традиција.