Во СВР Велес синоќа во 18:05 часот било пријавено дека на крстосницата од улицата „Илинденска“ со улица „Коста Рацин“ во населбата Чашка во Општина Чашка се случила сообраќајна несреќа меѓу патничко возило „фиат пунто“ со велешки регистарски ознаки, управувано од 66-годишниот Ѓ.Н. од Велес и електричен тротинет, управуван од малолетничка од Чашка.
- Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила малолетничката, констатирани во ЈЗУ Општата болница Велес, информира денеска портпаролот на СВР Велес Билјана Ѓаковска.
Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Велес.
Според портпаролот на ЈЗУ Општа болница д-р Ванчо Граматов по приемот над малолетничката биле извршени прегледи и рентгенолошки снимања и на компјутерски томограф, по што е констатирано тешка телесна повреда, скршеница на десна надлактична коска на рака.
-Пациентката е задржана на болничко лекување. Во текот на ноќта и претпладнево лекарски тим ја надгледува и доколку се потребни ќе бидат направени дополнителни испитувања пред да се донесе одлука дали ќе продолжи со лекување во ЈЗУ Општа болница Велес или ќе биде препратена на скопските клиники, појасни д-р Граматов.