Европската комисија во рамки на Европскиот фонд за одбрана (ЕДФ) за 2024 година инвестираше 910 милиони евра наменети за создавање силна и иновативна одбранбена индустрија во Европа, информира денеска портпаролот на ЕК за технолошки суверенитет, одбрана, Вселена и истражување, Тома Рение.

- Од избраните проекти, над 360 милиони евра се доделени за 39 истражувачки проекти и 539 милиони евра за 23 проекти за развој на капацитетите, рече Рение.

Овие инвестиции имаат за цел да ги пополнат клучните празнини во капацитетите, како што се мобилноста на силите и одбраната од беспилотни летала преку иновации и соработка меѓу европската наука и индустрија.

Рение потенцира дека првпат и украинската одбранбена индустрија можеше да учествува со свои проекти во рамките на ЕДФ.

Во Европската комисија засега не се разговара за суспензија на социјалната мрежа Икс, изјави портпаролот на ЕК за технолошки суверенитет, одбрана, Вселената и истражување, Тома Рение.

Според ЕК, зголемената соработка помеѓу украинската и европската одбранбена индустрија се темели на напорите за иновации во одбраната на Украина и за поттикнување на поблиски врски и понатамошно интегрирање на украинската во европската одбранбена индустриска база, зајакнувајќи ги заедничките цели за безбедност и иновации.

Европскиот комесарот за одбрана и Вселената, Андриус Кубилиус истакна дека на овој начин ЕУ го поддржува развојот на клучните одбранбени капацитети, како што се системите за противвоздушна и противракетна одбрана и за заштита од беспилотни летала.

- Тоа ќе им овозможи на европските вооружени сили да одговорат на новите закани и да ги заштитат нашите граѓани, без разлика дали тоа е преку зајакнување на нашата колективна одбрана или поддршка на нашите партнери, како Украина, во нивните напори да се одбранат од странска агресија, додаде Кубилиус.

На повикот за финансирање преку ЕДФ за 2024 година биле доставени 299 проекти од 625 субјекти од одбранбената индустрија и истражувачки организации од 25 земји членки на ЕУ и Норвешка.

- Ова го истакнува растечкиот интерес за паневропска соработка и заеднички развој на стратешки одбранбени капацитети. Малите и средни претпријатија играат витална улога во избраните проекти, сочинувајќи над 38 отсто од сите субјекти учесници и добивајќи повеќе од 27 проценти од вкупното финансирање од ЕУ, информира Европската комисија.