Европската комисија не гледа никаков судир на интереси во учеството на нејзини членови во својство на еврокомесари на партиски собири или состаноци, изјави денеска главната портпаролка на ЕК, Паула Пињо во одговор на прашање за тоа дали учеството на членови на Колеџот на комесари на Конгресот на Европската народна партија (ЕПП) во Валенсија не е во спротивност со Договорот за функционирање на ЕУ и Кодексот за однесување.
- Секое човечко суштество има своите идеологии, свои ставови и може да ги брани. Она што се очекува со Договорот (за ЕУ) е тоа да се прави транспарентно и непристрасно, но без отстапување од своите ставови. Така што не гледаме никаков конфликт во тоа, додаде Пињо.
Таа додаде дека сите членови на Еврокомисијата присутни на Конгресот на ЕПП веројатно се членови на партијата, но покрај учеството на собирот, тие имаат и други средби со шпански национални и локални претставници.
- Така што, целта на нивната посета на Шпанија, не се само учество на состанокот, истакна Пињо.
Портпаролот на ЕК за буџет Балаж Ујвари информира дека сите 10 членови на Европската комисија кои учествуваат на Конгресот на ЕПП во Валенсија присуствуваат таму во својство на еврокомесари.
- Постојат две сценарија за учество на членовите на Комисијата на ваков тип политички настани. Тие или учествуваат како делегати во својство на членови на партијата и во овој случај, се разбира, нивната мисијата не може да се смета за официјална мисија на Комисијата и не може да биде покриена од буџетот на Комисијата. Или, пак, учествуваат првенствено во својство на комесари и одржуваат низа политички состаноци и активности, изјави Ујвари во одговор на прашање кој ги покрива трошоците на членовите на Колеџот на комесари и нивните соработници присутни на Конгресот на ЕПП во Валенсија.
Кога станува збор за нивните соработници, според Ујвари, доколку членот на ЕК присуствува на вакви настани во својство на еврокомесар може да биде придружуван од еден член на неговиот персонал, кој му помага во работата и неговите активности.
- Членот 2 од Кодексот за однесување многу јасно вели дека членовите на Колеџот имаат одговорност да учествуваат на политички настани. Членот 10 вели дека тие можат да учествуваат во европската политика, но доколку го прават тоа, мора се придржуваат до Кодексот на однесување. Споменавме дека сите членови на Колеџот кои отпатува во Валенсија присуствуваат таму првенствено во својство на комесари за да го одржуваат политичкиот контекст, да имаат состаноци, да учествуваат во дискусии и да одржат говори, што е целосно во согласност со Кодексот на однесување, додаде Ујвари.