Интерпол ја отфрли жалбата на Судот на Босна и Херцеговина за преиспитување на одлуката да не се издаде црвена потерница по претседателот на Република Српска (РС), Милорад Додик, и претседателот на Народното собрание на РС, Ненад Стевандиќ, кои Обвинителството на Босна и Херцеговина ги сомничи за напад врз уставниот поредок, објави сараевскиот портал „Рапорт“.
Според информации на порталот, Интерпол денес го испрати одговорот до Судот на Босна и Херцеговина.
Претходно, на 2 април, Интерпол одби да издаде меѓународна потерница по Додик и Стевандиќ, повикувајќи се на член 3 од статутот на Интерпол, кој забранува каква било интервенција или активности од политичка, воена, верска или расна природа.
Претходно, и Србија и Унгарија официјално се спротивставија на барањето на БиХ.
Пред две недели, Судот на Босна и Херцеговина поднесе жалба против одлуката на Интерпол, поради одбивањето на барањето за распишување црвена потерница по Додик и Стевандиќ, кои не одговорија на поканата на Државното обвинителство да бидат сослушани како осомничени за напад врз уставниот поредок на БиХ, и ја напуштија БиХ во моментот кога беа повикани на сослушување.
Освен овие двајца, и премиерката на РС, Радован Вишковиќ, е осомничена за напад врз уставниот поредок на БиХ, но за него не е побарана меѓународна потерница, бидејќи тој не ја напуштил БиХ.
Додик, Стевандиќ и Вишковиќ се обвинети дека се најодговорни за донесувањето на законот во РС, со кој се забранува работата на државниот суд и обвинителство, Високиот судски и обвинителски совет на Босна и Херцеговина (ВСО) и Агенцијата за истраги и заштита (СИПА) на територијата на овој ентитет.
По нив е распишана централна потерница во Босна и Херцеговина