Вршителот на должноста претседател на Јужна Кореја, Хан Дук-су, денеска поднесе оставка, што укажува дека ќе се кандидира на претседателските избори што ќе се одржат на 3 јуни, јавува Јонхап.

Хан ја објави својата одлука во обраќање до нацијата, со што завршија неколкунеделните шпекулации за тоа дали ќе се кандидира на изборите што беа распишани по импичментот на поранешната претседателка Јун Сук - јеол.

„Со оглед на тежината на одговорноста што ја носам во ова тешко време, по долго и внимателно размислување дали таквата одлука е всушност правилна и неизбежна, решив дека ако тоа е единствениот начин, морам да го прифатам“, рече тој во владиниот комплекс во Сеул.

Хан, кој беше премиер и под либералните и под конзервативните претседатели, а исто така беше и амбасадор на Јужна Кореја во САД, е фаворит меѓу конзервативците како ривал на Ли Џе-мјунг, претседателскиот кандидат на либералната Демократска партија.

Ли моментално има голема предност пред своите ривали, со околу 40 проценти поддршка во анкетите на јавното мислење.

„Имам два пата пред мене. Едниот е да ја завршам важната мисија што моментално ја имам, додека другиот е да ја исполнам таа важна мисија и да преземам поголема одговорност“, рече Хан за време на обраќањето, кое беше емитувано во живо.

Тој истакна дека на крајот одлучил да се повлече од својата позиција за да направи што може и мора да направи за да ја надмине кризата со која се соочува Јужна Кореја, наведувајќи ја екстремната политичка конфронтација и заканата што таа ја претставува за економијата и индустријата на земјата.

Се очекува Хан утре да ја објави својата претседателска кандидатура. Рокот за регистрација на кандидатите е 11 мај, додека 25 мај е датумот кога започнува печатењето на гласачките ливчиња.

По оставката на Хан, министерот за финансии и вицепремиер за економски прашања, Чои Санг Мок, ќе ја преземе функцијата вршител на должноста претседател