По покана на албанскиот претседател, Бајрам Бегај, денеска во официјална посета на оваа земја престојува Неговото Височество, Абдула II бин Ал Хусеин, крал на Хашемитското Кралство Јордан, кој беше пречекан со сите државнички почести.
„Унапредувањето на политичкиот дијалог и проширувањето на економските односи, промоцијата на инвестициите и трговската размена, продолжувањето на мултилатералната соработка на меѓународно ниво, поддршката на Косово на меѓународната сцена, непоколебливиот став на Албанија во осудата на секаков облик на насилство и терор, како и поддршката на решението за двете држави за ситуацијата на Блискиот Исток беа во фокусот на средбата меѓу шефот на државата и кралот на Јордан“, се наведува во соопштението од кабинетот на Бегај.
Важен дел од средбите биле и случувањата во регионот на Балканот.
„Претседателот Бегај го замоли Неговото Височество, Абдула II бин Ал Хусеин, за поддршка на Косово за нови признавања и за негово членство во меѓународни организации. Тој исто така нагласи дека Албанија и албанскиот фактор во регионот вложиле и вложуваат континуирани напори за стабилност и безбедност на Западен Балкан, бидејќи сметаат дека ова е единствениот пат кон евроатлантска иднина и во корист на граѓаните на овој регион“, се наведува во соопштението.
Разговарано е и околу соработка во меѓународните организации, како и за предизвиците и перспективите на глобалната агенда, при што Бегај нагласи дека Албанија ја цени клучната улога на Кралството Јордан за мирот и стабилноста во регионот на Блискиот Исток, посебно напорите на кралот Абдула Втори во промовирањето на меѓународната соработка за безбедносните прашања.
-Шефот на државата ја потврди позицијата на Албанија, која е иста како и онаа на Јордан, дека единствениот пат кон праведно, одржливо и сеопфатно решение на конфликтот на Блискиот Исток е решението со две држави. Ја пофали водечката улога на Јордан и на кралот Абдула Втори во иницијативата „Процес Акаба“, како успешна иницијатива со конкретни резултати во борбата против тероризмот и насилниот екстремизам. Исто така рече дека како земја членка на НАТО, Албанија го поддржала отворањето на канцеларијата за врски на НАТО во Јордан како важна земја-партнер на Јужното крило на НАТО, се додава во соопштението.
По тет-а-тет средбата на Бегај и кралот Абдула Втори, одржана е средба на делегациите на двете земји, на која двете страни се заложиле за продлабочување на економската соработка, зголемување на трговската размена, јорданските инвестиции во Албанија и зголемување на бројот на туристи. Поради оваа причина, Бегај изјавил дека албанската држава е подготвена да ја комплетира целосната правна рамка што ја олеснува соработката.
За време на престојот во Тирана Јорданскиот крал ќе се сретне и со албанскиот премиер Еди Рама.