Портпаролот на турското Министерство за надворешни работи, Онџу Кечели денеска ги демантираше тврдењата дека на авионот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху му била дадена дозвола да прелета над турска територија на пат кон Азербејџан на 7 мај.

„Тврдењата дека на авионот на израелскиот премиер му е дадена дозвола да прелета се апсолутно неточни. Не ни е предадено никакво барање во врска со тоа“, рече Кечели, пренесува весникот „Хуријет“.

Центарот за борба против дезинформациите при Одделот за комуникации на турската претседателска администрација денеска соопшти дека небото на таа земја е затворено за израелски авиони, вклучително и за авионот на Нетанјаху.