Штип денеска одбележува 24 години од загинувањето на бранителите Димитар Двојаковски и Влатко Петров, кои животите ги загубија кај село Ваксинце, во воениот конфликт во 2001 година.

Делегации од Општина Штип, државни и локални институции, здруженија на граѓани и политички партии положија цвеќе на споменикот на бранителите во месноста „Суитлак“ во Штип.

- Двојаковски и Петров ќе бидат вечно запаметени и секогаш почитувани, беше посочено во говорот.

Влатко Петров и Димитар Двојаковски биле дел од групата составена од седум војници кои со транспортер се враќале од терен. Иако имало барикади кај Ваксинце, добиле наредба да продолжат. Седуммината војници влегувајќи во селото биле веќе во заседа од УЧК и нападнати од сите страни. Димитар Двојаковски е роден на 22 април 1972 во Нова Горица, а Влатко Петров на 23 јули 1977 во штипското село Чардаклија. Семејството на Петров се подготвуваше за неговата свадба, а Двојаковски зад себе остави едногодишен син.