Во Саудиска Арабија се егзекутирани две лица осудени за тероризам, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи на земјата, со што вкупниот број егзекуции во земјата од почетокот на годинава достигна најмалку 100.
Двајца Саудијци се егзекутирани поради учество во акти на „тероризам“, вклучително и приклучување кон „терористичка организација“ и посетување кампови за обука во странство, каде што научиле да прават експлозиви, се вели во соопштението на Министерството.
Според податоците на АФП, од 100 лица егзекутирани оваа година, 59 биле осудени за дрога, вклучувајќи 43 странци.
„Додека Саудиска Арабија се позиционира како позитивен дипломатски актер, нејзините меѓународни партнери покажуваат дека се подготвени да ги затворат очите пред нејзините очигледни кршења на човековите права“, наведуваат невладини организации за човекови права.
По мораториум од приближно три години, саудиските власти ги продолжија егзекуциите за злосторства поврзани со дрога кон крајот на 2022 година.
Според претходен извештај на АФП, минатата година биле егзекутирани најмалку 338 лица, споредено со 170 во 2023 година, што е далеку повеќе од претходниот познат рекорд од 196 во 2022 година.
Во април, невладината организација „Амнести Интернешнл“ го осуди „алармантното зголемување“ на употребата на смртна казна во богатата земја од Заливот, една од земјите во светот каде што најчесто се применува.
Активистите за човекови права велат дека задржувањето на смртната казна го нарушува угледот на Саудиска Арабија, која е вклучена во сеопфатна програма за реформи наречена Визија 2030.
Властите, од своја страна, тврдат дека смртната казна е неопходна за одржување на јавниот ред и дека се применува само кога се исцрпени сите други судски постапки.