Општина Ѓорче Петров соопшти дека започна со реализација на еден од најобемните инфраструктурни проекти во населбата Диво Маало. Проектот опфаќа целосна реконструкција на 13 краци на улицата „Алекса Демниевски“ со вкупна површина од 11.420,76 м² и должина од 3.020,61 метри.

Проектот, вреден 14.844.213,78 денари (со вклучен ДДВ), е целосно финансиран од буџетот на Општината.

- По децении занемареност, жителите конечно добиваат нов, модерен асфалтен коловоз. Се наоѓаме во историски момент кога Диво Маало добива нов лик и се создаваат подобри услови за живот за сите жители, изјавил градоначалникот Александар Стојкоски, пренесуваат од општината.

Оттаму дополнуваат дека со реконструкцијата се решаваат долгогодишните проблеми со оштетени и неасфалтирани улици, а значително ќе се подобри безбедноста на пешаците, велосипедистите и возачите.

-Проектот ќе придонесе и за намалување на загадувањето, како и за зголемување на атрактивноста и естетиката на населеното место, дополнуваат во соопштението.