Македонскиот јазик го легитимира македонскиот идентитет. Македонскиот јазик е наше природно и основно човеково право и чувар на нашата колективна меморија. Со таква мисла, во еден свој текст, Петре М. Андреевски истакна дека „бранејќи го јазикот, ние го браниме и нашиот живот и нашето заедничко име, нашата заедничка татковина. Го браниме, всушност, највозвишеното – нашата самостојност, нашата слобода, а заедно со нив и нашата иднина“, порача претседателката Гордана Сиљановска Давкова, која е покровителка на Свечена академија по повод 80 години од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик, во МАНУ.
Таа потсети дека на 5 мај 1945 година, на страниците на нашиот прв дневен весник „Нова Македонија“ било објавено решението на тогашната народна влада на Македонија за македонската азбука. Еден месец подоцна, на 7 јуни, бил усвоен и македонскиот правопис. Со овие одлуки бил заокружен долгиот процес на оформување и кодификација на македонскиот литературен јазик.
-Но, не можете да кодифицирате непостоечки јазик. Можете да кодифицирате само постоечки јазик. Патот којшто го поминал македонскиот јазик од својот зачеток во мугрите на словенската писменост, па сè до својата конечна литературна кодификација во многу нешта наликува на оној што го поминале и другите литературни јазици. Следејќи го, ќе видиме дека тoj пат минувал низ лавиринтот на средновековните редакции, се пробивал низ долгите векови на народното творештво коешто било трпеливо собирано од преродбениците Миладиновци и Цепенков. Попатно ги среќаваме моралните поуки на Крчовски и Пејчиновиќ, учебниците на Зографски, Шапкарев и Мачуковски, беседите на Прличев, речниците на Пулевски. Следејќи го тој пат, чекориме со Лозарите, со Младата македонска книжевна дружина и Македонското научно-литературно другарство на Чуповски за, конечно, да се сретнеме со монументалното дело на нашиот најголем лингвистички гениј Крсте Петков Мисирков, рече Сиљановска Давкова.
Таа рече дека патот до кодификацијата не бил лесен бидејќи македонскиот јазик бил систематски потиснуван и негиран од соседните пропаганди. Неговите средновековни ракописи биле разграбувани или уништувани, неговите говорители биле насилно асимилирани или прогонувани, а самиот јазик бил третиран како дијалект, те на еден, те на друг, нам туѓ јазик.
-За тоа зборува и следново: многу од забранетите книги на Балканот во изминатите два века биле напишани на македонски. Речиси сите примероци од книгата „За македонцките работи“ биле уништени. „Абецедарот“, издаден на барање на Лигата на народите, никогаш не стигнал до учениците за кои бил наменет. На почетокот на Втората светска војна имало обиди да се запленат и да се уништат сите примероци на Рациновите „Бели Мугри“, додаде претседателката.
Но, како што додаде, многу поопасно од надворешните негирања претставува внатрешната негрижа за јазикот, што добива димензии на незапирлива епидемија.
-Морам да потсетам на нешто: годинава се навршуваат 145 години од објавувањето на Речникот на три јазика (тријазичникот), годинава се навршуваат 150 години од „ Слогица Речовска“ , односно првата публикувана граматика на македонски јазик на Ѓорѓија Пулевски, годинава се навршуваат 135 години од одбраната на првиот докторат за македонскиот јазик на Дерптскиот универзитет во Естонија од Леонард Готхилф Мазинг, годинава се навршуваат 100 години од печатењето во Атина на „Абецедарот“, на барање на Лигата на народите, претходничката на ООН! Се прашувам и ве прашувам: зарем овие настани и датуми не се доволни за прогласување на 2025 година за година на македонскиот јазик, рече Сиљановска Давкова