Претседателот на САД Доналд Трамп денеска официјално објави покана за затворената забава наменета за најголемите сопственици на токенот Official Trump (TRUMP), што беше пуштен во оптек во јануари. Настанот е закажан за 22 мај и ќе се одржи во Trump National Club во близина на Вашингтон.

Покани ќе добијат првите 220 најголеми сопственици на токенот, додека првите 25 од нив ќе присуствуваат и на ВИП-средба со претседателот, вклучувајќи и тура низ објектот. За учество е потребна авторизација преку криптопаричник.

Според „Ен-Би-Си њуз“, токенот поскапел за 60 отсто откако на 23 април беше објавена првичната информација за настанот, а за само два дена Трамп и неговиот тим од трговски провизии инкасирале околу 900.000 долари.

Двајца сенатори-демократи, Елизабет Ворен и Адам Шиф, побараа од Канцеларијата за владина етика да го испита случајот, оценувајќи го како корупција и конфликт на интереси со „купување пристап до власта со исплати“.

Во интервју за телевзијата, Трамп изјави дека „не знае дали има приход од токенот“, но тоа го исклучи.

Покрај вечерата за држателите на криптото на Трамп, денеска се организра и добротворна вечера, на која учество ќе земат и спонзори од крипто и ВИ-индустријата, и за чиј влез се плаќа и до 1,5 милиони долари по лице. Специјален гостин ќе биде Дејвид Сакс, советникот за криптовалути во администрацијата на Трамп.

Иако токенот TRUMP во моментов се тргува по цена од околу $11,3 – значително под јануарскиот рекорд од $75 – тој бележи раст од 35% во последните две недели и е рангиран на 43. место на CoinMarketCap, со пазарна вредност од 2,23 милијарди долари.