Во услови на денешниот фрагментиран и несигурен свет и кога руската инвазија врз Украина не донесе на историска пресвртница, Стратешка агенда на ЕУ се фокусира на зајакнување на безбедноста и конкурентноста, изјави претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта во обраќањето на годишниот состанок на граѓанската организација Економски круг (ЦДЕ) во Барселона.

- Се наоѓаме во свет каде е еродирано почитувањето на меѓународниот поредок базиран на правила, каде се доведуваат во прашање мултилатералните обврски за справување со глобалните предизвици, како што се климатските промени и намалувањето на сиромаштијата, каде хибридните напади ја загрозуваат нашата инфраструктура и демократските процеси и каде новите технологии ја менуваат рамнотежата во нашите политички системи. Свет, каде што економската моќ и безбедноста повторно се неразделни. И двете се итни и мора да се остваруваат истовремено, додаде Кошта.

Во однос на безбедноста, Кошта нагласи дека поддршката на Украина во нејзината легитимна и правно оправдана борба останува клучна за ЕУ, со цел да се постигне одржлив и траен мир што може да се заснова само на робусна европска одбрана.

- Во еден се поопасен свет, Европа мора да биде способна да се брани. Не само од воени закани, туку и од разни хибридни закани и предизвици, бидејќи мир без одбрана е илузија, рече Кошта, додавајќи дека европските земји мора да ги зголемат трошоците за одбрана за да овозможат Европа да биде способна да се брани, подобрувајќи ги своите капацитети и зајакнувајќи ги меѓународните сојузи.

Кошта додаде дека со безбедносни напори на ЕУ, директно е поврзана и конкурентноста, поради што е потребно зголемување на инвестициите во иновации, во инфраструктура, синџирите на снабдување и во квалитетни работни места.

- Ова е пристапот што мора да го прифатиме за да постигнеме поодржлив заеднички просперитет. Она што го гледаме во светот околу нас не е само геополитички хаос. Тоа е и геоекономски хаос. Повоениот систем на глобална економска интеграција, кој извлече милијарди луѓе од сиромаштија и промовираше мир, сега еродира. Се вратија царините, не само како алатки на индустриската политика, туку и како геополитичко оружје. Ова е многу јасно: не смееме да одговориме на протекционизмот со поголем протекционизам. Мора да се обединиме за да најдеме решенија преку дијалог, порача претседателот на Европскиот совет.

Поаѓајќи од ваквиот пристап, според Кошта, ЕУ предложи укинување на царините од двете страни на Атлантикот.

- Ова е конструктивен предлог и ние сме подготвени да го реализираме. Но, не сме наивни. Доколку е потребно, Европската Унија ќе дејствува за да ги заштити своите интереси, своите индустрии и своите работници, истакна Кошта.

Тој додаде дека царините делуваат како даноци за граѓаните и бизнисите, зголемувајќи ги цените, создавајќи неизвесност и економски ослабувајќи ги сите, но дека сепак сегашната ситуација претставува и одлична можност за зголемување на домашната потрошувачка за поттикнување раст, како и за зајакнување на позиција на ЕУ како доверлив партнер низ целиот свет, кој верува во мултилатерализмот, во почитувањето на воспоставените правила и во заемно корисна трговија.

- Во ова време на глобални превирања, Европската Унија е исклучително привлечен партнер за светот во целина. Во исто време, стабилните сојузи можат да произлезат само од фер и избалансирана соработка, рече Кошта.

Тој се осврна и на заложбите на ЕУ за намалувањето на бирократијата, обезбедување стабилни цените на електричната енергија, привлекување повеќе инвестиции, справување со кризите, изградба на монетарна унија и зајакнување на еврото.

Кошта нагласи дека од клучна важност е Европската Унија да се доближи до општествата и регионите кои овозможуваат секојдневно напредување на европскиот проект и на напорите за конкурентност, иновации, работни места и безбедност и да се осигура дека европската политика ги зема предвид ставовите на граѓаните.

- Европската Унија е можеби огромен, далекусежен и идеалистички проект од историски димензии. Проект со извонредно сложена архитектура, некако трајно недовршен, во кој секоја нова генерација игра своја улога за да се справи со предизвиците на своето време. Проект кој понекогаш и стагнира, но кој секогаш напредува со решителност, бидејќи е воден од смела и амбициозна визија за иднината. Затоа што тоа, пријатели мои, е Европската Унија. Да бидеме горди на неа, заклучи Кошта во обраќањето.