Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против едно лице за намерно предизвикување пожар во викенд-куќа во Катланово и во стан во Скопје, кои биле во сопственост на неговата сопруга со која биле во бракоразводна постапка.

Како што соопштува Обвинителството, лицето се сомничи за две кривични дела – Предизвикување општа опасност според член 288 став 1 од Кривичниот законик.

- Обвинетиот беше идентификуван како одговорен за намерно предизвикување пожар во викенд-куќа во Катланово и во стан во Скопје, кои биле во сопственост на неговата сопруга со која биле во бракоразводна постапка. Најпрво, на 1 мај телефонски ѝ се заканувал на оштетената и на нивниот заеднички син дека ќе им ги запали станот и куќата, а еден ден подоцна ја реализирал заканата, предизвикувајќи пожар со бензин пред влезните врати на двата објекти. Пожарот се проширил и во внатрешноста на куќата и на станот кој се наоѓал во зграда, па била предизвикана значителна опасност за животот на луѓето, стои во соопштението од Обвинителството.

Оттаму информираат дека со обвинителниот предлог, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје доставил и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетиот.