Американскиот државен радиодифузер Гласот на Америка (ВОА) по речиси двомесечниот прекин ќе започне со работа како емитувач на содржини на ТВ медиумот One America News Network (ОАН), според изјави на службени лица.
Кери Лејк, советничката во Агенцијата за глобални медиуми (УСАГМ), соопшти на „Икс“ дека OAН, телевизија наклонета на десничарските ставови и подршка на претседателот Доналд Трамп, ќе ја снабдува ВОА бесплатно со новински материјали, техничка поддршка и содржини. Според неа, „ова е од голема корист за американските даночни обврзници“, кои се единствен извор за финансирање на агенциите на УСАГМ, кои емитуваат исклучиво за странска публика. ОАН ќе снабдува прграми и за Канцеларијата за емитување за Куба (ОКБ) и Радио Марти.
- Во мојата сегашна улога како виш советник во УСАГМ, немам уредничка контрола врз содржината на програмите на ВОА и ОКБ, но можам да обезбедам нашите медиуми да имаат доверливи и кредибилни извори во подготовката на нивната програма и извештаите, напиша Лејк.
Весникот „Вашингтон пост“ синоќа доби потврда за ова од бизнисменот Чарлс Херинг, сопственик на OAН.
Во март годинава, а по указот на претседателот Доналд Трамп за суспензија на финансирањето на УСАГМ, ВОА прекина со емитување за првпат во 83 години. Над 1.300 новинари беа испратени на административен одмор. Меѓу иницијаторите за затворање на радиото беше и Илон Маск, кој ја нарече станицата „непослушана и финансиски неефикасна“.
Меѓународните новинарски организации, како „Репортери без граници“, остро ја осудија одлуката, предупредувајќи дека таа го поткопува глобалниот ангажман на САД за медиумски слободи.
Иако федерален суд привремено нареди обнова на програмите и враќање на вработените, апелациски суд го укина тоа решени. Администрацијата на Трамп е обврзана со закон да обезбеди барем минимално ниво на емитување содржини.
Според Конгресот, затворањето на Гласот на Америка е забрането ако нема одобрение од законодавниот дом.