Напаѓачот кој околу 21 часот застрела млад човек во кафуле на плоштадот во Штип и избега, вечерва бил гонет од полицијата по автопатот кон Скопје, а во драматичната потера полицајци пукале кон неговиот автомобил, објави порталот „24 инфо“.
Според неофицијалните информации на порталот, автомобилот бил забележан пред патарината кај скопското село Миладиновци, а бегалецот не запрел на знакот на полицијата и ја пробил рампата продолжувајќи да вози со голема брзина. Полицајците реагирале и отвориле оган кон автомобилот, во обид да го запрат.
„БМВ“-то, очигледно оштетено, е пронајдено неколку километри кон Скопје, пред влезот на индустриската зона. Нема информации дали напаѓачот е погоден од полициските куршуми, дали е фатен или сè уште е во бегство.