Данската премиерка, Мете Фредериксен, денеска изјави дека „не може да се шпионираат сојузниците“, откако американските медиуми објавија дека САД го зголемиле собирањето разузнавачки информации за Гренланд, полуавтономната данска територија.
„Волстрит Џорнал“ (WSJ) цитираше два неименувани извори кои велат дека неколку високи функционери, кои му рапортираат на директорот на Националното разузнавање Тулси Габард, наредиле собирање податоци за движењето за независност на Гренланд, како и за локалните ставови кон можната американска експлоатација на ресурсите на земјата.
Канцеларијата на Габард соопшти дека весникот треба да се „срами“ што им помага на „актерите на длабоката држава кои се обидуваат да го поткопаат“ американскиот претседател Доналд Трамп преку „политизирање и протекување на класифицирани информации“.
„Тие го кршат законот и ја поткопуваат безбедноста и демократијата на нашата нација“, се наведува во соопштението, нагласувајќи дека одговорните ќе бидат казнети.
Данска вчера го повика американскиот вршител на должност на разговор за да даде објаснувања по објавувањето на „Волстрит џурнал“.
Вршителот на должноста шеф на амбасадата на САД во Копенхаген, Џенифер Хол Годфри, се сретна со високиот дански дипломат Јепе Транхолм-Микелсен во данското Министерство за надворешни работи, соопшти министерството.
Премиерот на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен, минатиот месец изјави дека нема почит во изјавите на САД за арктичкиот остров и дека територијата никогаш нема да биде парче земја или имот што некој би можел да го купи.
Фредериксен минатиот месец изјави дека САД не можат да анектираат земја, дури и врз основа на тоа дека е загрозена меѓународната безбедност.
Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека САД ќе го почитуваат правото на самоопределување на Гренланд, велејќи дека неговите жители не сакаат да бидат дел од Данска.