Судија на претходна постапка од основниот суд во Штип на петмината државјани од Република Турција, кои се инволвирани во убиство на 25 годишниот турскиот државјанин им одреди мерка притвор од 30 дена, информираше денеска судијата кривичар и воедно портпарол на Основниот суд во Штип, Сашко Георгиев. Осмоничените се спроведени во Затвор Куманово.

МИА синоќа информираше дека полициски службеници во Основниот суд во Штип ги донесоа 21-годишниот К.К државјанин на Република Турција за кој постои сомнение дека го сторил убиството, потоа А.Х, Т.М., О.М, и А.О. на возраст од 21 до 29 години сите државјани на Република Турција поради сомнение дека му помагале на К.К да побогне од местото на убиството.

Убиството се случи на 8 мај во угостителски објект „Вами“ на Градскиот плоштад „Слобода“ во Штип, а во полиција е пријавено во 21.25 часот. По убиството сторителот со помош на уште четири лица се обидел да побегне, но во акција на полициски службеници од СВР Штип и СВР-Скопје се фатени и лишени од слобода. Министерот, Панче Тошковски кој денеска е присутен на отварањето на 14. Годишно Собрание на Меѓународното полициско здружение ИПА Македонија на новинарско прашање за акцијата која беше реализирана за фаќање на сторителот и помагачите одговори дека во акцијата учествуваа повеќе полициски службеници.

-Министерството за внатрешни работи во координарана акција помеѓу СВР-Штип, СВР-Скопје, Специјалните полициски сили, Интервентната полиција –Скопје ги идентификуваше и ги уапси како сторитело, така и оние коишто помагале во бегството на турскиот државјанин којшто го сторил убиството во Штип. Истите беа процесуирани се собираат докази, вели Тошковски.

Прашан со оглед на тоа што се случи ова убиство ќе бидат зајакнати мерките, Тошковски вели дека МВР ги презема сите потребни дејствија за да може да се гарантира безбедноста како на територија на Штип, така и на цела држава.

-Сметам дека сето она што треба да се презема од наша страна се презема. Сметам дека Министерството за внатрешни работи е апсолутно и ефикасно делува при откривањето на секој криминал којшто е сторен на територија на Македонија и гледам една ефикасна реакција од страна на МВР и во врска со овој конкретен кривично правен настан. Така да можам да ги охрабрам само чесните, професионални полицајци и понатаму во иднина да постапуваат во насока на обезбедување на потребниот мир на македонските граѓани, изјави Тошковски.

Тој додаде доколку полициските службеници постапуваат координирано како овој случај ќе се дадат посакуваните резултати, кои ги очекуваат сите македонски граѓани.