Македонскиот павилјон на Венециското биенале на архитектурата 2025 е вброен меѓу 10-те највпечатливи павилјони од вкупно 66 земји учеснички, според реномираниот портал „Артибјун“ (Artribune), објави на Фејсбук страницата министерот за култура и туризам Зоран Љутков.

-Проектот Strada Brutalissima, под кураторство на доц. д-р Благоја Бајковски од Архитектонскиот факултет при УКИМ, отвора важен дијалог за архитектонското наследство, солидарноста и визијата за хумано општество, напиша Љутков на Фејсбук.

Овој павилјон, додава министерот во објавата, не е само приказна за бетон и форми – тој е патување низ времето, меморијата и колективната надеж.

-Горди сме на сите вклучени во реализацијата на овој значаен проект кој достојно ја претставува Македонија на светската културна мапа!, додаде Љутков.