Владо Јаневски - еден од најзначајните автори и изведувачи на македонската музичка сцена ќе одржи концерт во Античкиот театар во Охрид. Настапот е на 8 август.

„Овој настан, организиран од 'Прагма продукција', е уште една потврда за исклучителната уметничка тежина што Јаневски ја носи со себе речиси три децении. Во уникатниот амбиент на еден од најубавите простори во државата, ќе оживеат балади коишто се дел од колективната емоција - 'Црно Тиквешко', 'Евергрин', 'Некогаш и негде', 'Тајна отровна'... Песни со кои растевме, созревавме, радувавме и тагувавме. Во градот каде што секоја калдрма има приказна, а секој здив е исполнет со историја и убавина, Владо ќе настапи на сцена под отворено небо, пред публика која го следи и сака со генерации“, соопшти продукцијата.

Античкиот театар, со својата специфична атмосфера, се вели, ќе биде совршена сценографија за едно вечерно музичко патување низ безвременските хитови на овој врвен уметник.

Концертот „ќе потсети на моменти коишто сте мислеле дека се заборавени, ќе Ве натера да се сетите кого сте сакале, кого сте изгубиле, и зошто љубовта секогаш останува најважната животна лекција“, се додава во известувањето.

Картите се пуштени во продажба преку продажната мрежа на „Купи карти“ и „кај Аждер“ во Охрид.