Откако македонската ракометна репрезентација во неделата се квалификуваше за Европското првенство следната година, денеска дозна дека ќе биде сместена во третиот „шешир“ пред ждрепката за завршниот турнир.

Македонија е во ист ранг со Австрија, Холандија, Црна Гора, Чешка и Полска и со овие репрезентации нема да биде во иста група на почетокот на Европското првенство.

Шешир 1: Франција, Данска, Шведска, Германија, Унгарија, Словенија

Шешир 2: Португалија, Норвешка, Исланд, Хрватска, Шпанија, Фарски Острови

Шешир 3: Австрија, Холандија, Црна Гора, Чешка, Полска, Македонија

Шешир 4: Грузија, Србија, Швајцарија, Романија, Украина, Италија

Ждрепката ќе се одржи во данскиот град Хернинг на 15 мај со почеток во 19 часот.

Веќе е познато дека Германија ќе игра во групата А во Хернинг, Данска во групата Б во истиот град, а Шведска во групата Е во Малме. Норвешка ќе игра во групата Ц во Осло, Фарските Острови ќе бидат во истиот град, но во групата Д, додека Исланд е сместен во групата Ф во Кристијанштад.

Репрезентациите ќе бидат поделени во шест групи од по четири екипи.

Европското првенство заедно ќе го организираат Данска, Шведска и Норвешка од 15 јануари до 1 февруари 2026 година.