Премиерот на Австралија Ентони Албанезе го претстави составот на новиот кабинет, откако, сега веќе, поранешниот министер за индустрија и наука Ед Хусич го припиша своето разрешување од функцијата на критиките за војната на Израел во Појасот Газа.

Албанезе ги именуваше 30-те пратеници кои ќе бидат дел од новиот кабинет, по убедливата победа на неговата левичарска Лабуристичка партија на изборите на 3 мај.

Лабуристите освоија 92 места во 150-члениот Претставнички дом (долниот дом) на австралискиот парламент, каде за мнозинство се потребни најмалку 76 места. Албанезе изјави дека постои можност неговата партија да освои до 95 места, бидејќи пребројувањето на гласовите сè уште е во тек.

Според Албанезе, лабуристите никогаш досега немале толку многу места во Претставничкиот дом од формирањето на австралискиот парламент во 1901 година. -Чувствувам длабока понизност пред довербата која беше искажана кон мојата влада на изборите и сигурно нема да ја земеме здраво за готово, изјави Албанезе пред новинарите во парламентот.

Хусич, кој во 2022 година стана првиот федерален министер на Австралија што положи заклетва на Куранот, изјави дека отстранувањето од функцијата делумно е последица на неговите ставови за израелската војна во Газа. - Мислам дека тоа е фактор. Дали би постапил поинаку? Не мислам, рече Хусич за австралиските медиуми.

Премиерот Албанезе не даде директен одговор дали се обидел да го задржи Хусич во кабинетот. „Имаме процедура во Лабуристичката партија. Ова е систем кој Ед и другите го поддржуваа долго време“, истакна тој.