Членовите на собраниската Комисија за образование, наука и спорт денеска прифатија предлог измените и дополнувањата на законите за основното, средното и високото образование, да се дадат на понатамошно читање.

Пратеничката Катерина Димитровска од ВМРО-ДПМНЕ, образложувајќи го Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за основното образование, посочи дека со изгласување на овие измени директно ќе се поттикне развојот на младите таленти и ќе се создаде системска поддршка за оние кои вложуваат во знаења, наставниците и нивните здруженија.

Како што додаде, иако веќе постои законска регулатива за наградување на ученици, ментори и наставници за освоени меѓународни награди на натпревари од областа на математиката, информатиката и природните науки, до сега не беше предвидена можност за поддршка на самите организатори на вакви престижни настани во земјава.

-Оваа законска празнина ја ограничуваше иницијативноста и капацитетот на наставничките здруженија, кои до сега со сопствени ресурси и ангажман, се обидуваа да го донесат натпреварувачкиот дух во македонското образование. Со измени на законот се предвидува Министерството за образование и наука да може да оделува парични средства до 10 проценти од висината на трошоците за организација на меѓународниот натпревар, но не повеќе од износот од 10.000 илјади евра во денарска противвредност, по поднесување на барање до Министерството, рече Димитровска.

Таа потенцира дека со овие измени и дополнувања на законот, нема дополнителни финансиски трошоци, односно средствата ќе се разгледуваат во рамките на веќе одобрениот буџет на Министерството за образование и наука.

Измените и дополнувањата на законите за основно, средно и високо образование го поминаа комисискиот филтер

Димитровска посочи дека со овој закон создаваме механизам кој им овозможува на наставниците и нивните акредитирани здруженија да организираат настани кои ја афирмираат Македонија како земја која вложува во знаење и наука.

Пратеничката Даниела Николова од СДСМ изрази загриженост за, како што рече, постојаното менување на законите од областа на образованието.

-Законите за основно и средно образование од декември 2024 година до сега се менуваа неколку пати. Да бидам попрецизна, ова е трета промена која што ја претрпува законот за основно образование, а четврти пат дискутираме за Законот за средно образование. Ова само покажува колку несериозен пристап имате кон образованието. Законите во Собранието во овој период се носат на нетранспарентен начин. Не сакате да ја вклучите стручната фела, не сакате да ја вклучите јавноста ниту засегнатите страни, и нормално е дека ќе се прават пропусти, рече Николова.

Таа посочи дека овие измени и дополнувања не се многу суштински, иако има работи на кои треба да се обрне внимание.

-Кога зборуваме за Законот за основно образование, се регулира поддршка за финансирање на меѓународни натпревари, но поддршка ќе биде само за математика, информатика и природните науки. Постои деградација на хуманистички и уметнички дисциплини, имаме дискриминаторски однос. Тоа значи дека наставници и ученици кои посветено работат на хуманистички работи и уметничките предмети се оставени надвор од системот на стимулација и поддршка и сметам дека еден таков однос е недозволен, додаде Николова.

Во својата реплика, пратеничката Димитровска рече дека ќе се менува се она што е испуштено и не е сменето до сега.

-Ние сме тука да работиме и ќе менуваме се што е испуштено и не е сменето. Мислам дека треба некогаш да се поздрави некоја активност, не само да се критикува, рече Димитровска.

Пратеничката Бети Стаменковска Трајковска од ВМРО-ДПМНЕ рече дека овие измени на законот ќе значат стимул за учениците и наставниците да бидат достојно претставени на меѓународно ниво.

Измените и дополнувањата на законите за основно, средно и високо образование го поминаа комисискиот филтер

-На нас ни е работа да ги менуваме законите доколку забележиме во некој амандман или дел од закон, каде има проблем за имплементација. Ова што правиме значи стимул за учениците, за наставниците и здруженијата, стимул за тоа Македонија да оди напред на меѓународно ниво, да бидеме достојно претставени. Ова треба да се гледа од позитивен агол, рече Стаменковска Трајковска.

Потпретседателката на Комисијата Емилија Ангелова имаше свое излагање по однос на Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за средното образование. Таа рече дека со овој Предлог закон се уредуваат прашањата кои не се опфатени со постојниот Закон за средно образование, а се однесуваат на статусот и постапките за вработување на воспитувачите во средните училишта во чиј состав има ученички дом, како и на административците.

Како што рече, во предложените измени се овозможува регулирање на неопходните услови за работа, полагање стручни испити, стекнување уверение, трансформација на работниот однос од определено во неопределено време. Промените се насочени кон надминување на постоечките правни празнини и обезбедување правна сигурност и инситуционална функционалност, без дополнителни финансиски и фискални импликации врз буџетот на државата и не повлекува материјални обврски за одделни субјекти.

Исто така, како што додаде, се уредува и постапката за трансформацијата на работниот однос на воспитувач од определено во неопределено време.

Пратеничката Силвана Ангелевска во своето излагање во врска со Предлог на закон за изменување на Законот за високото образование, објасни дека се менува еден член, тоа е член 42, став 3, кој се однесува на мандатот на членовите на Националниот совет кој што во моментов е четири години, без право на реизбор. Со новите измени, се предлага мандатот на членовите на Советот да е четири години со право на уште еден последователен избор