Полициски службеници од Регионалниот центар за гранични работи Запад, вчера, извршија засилени акциски контроли во шумскиот појас над неколку дебарски села, како и на поширокото подрачје на граничниот појас и зелената граница со Република Албанија информираше Стефан Димоски, портпарол на Секторот за внатрешни работи-Охрид.
Според него, во близина на селото Дренок, пронајдени се две товарни моторни возила со вкупно 22 метри кубни огревно буково дрво, една работна машина за пробивање на шумски патишта и околу 200 метри кубни исечени букови дрва подготвени за товарање и транспорт без соодветна документација.
Во координација со јавен обвинител, Јавното претпријатие „Национални шуми“, Шумската полиција, како и надлежниот инспекторат, се преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на настанот, по што ќе биде поднесена пријава за сторено кривично дело „пустошење на шуми“.