СВР Штип поднесе кривична пријава против Г.Н.(54) од Виница, вработен во Центар за јавно здравје Виница поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ и против Љ.К.(62) од Виница, вработен во истата институција, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување или уништување деловни книги“.

Како што информираат од МВР, првопријавениот, во периодот од 1 јануари 2020 година до 7 ноември 2023 година, во повеќе наврати впишал и издал здравствени прегледи во санитарни книшки и евидентни листови со ист сериски број, издадени на повеќе правни лица со невистинита содржина и не ги евидентирал во евиденцијата на Центарот за јавно здравје Кочани со што го оштетил буџетот на Центарот за јавно здравје за износ од 89.200 денари.

Второпријавениот, кој бил задолжен за водење на евиденцијата на Центарот за јавно здравје, во амбулантскиот дневник за евидентирани здравствени прегледи, во периодот од 29 март 2022 година до 7 ноември 2023 година во повеќе наврати не ги евидентирал редоследно сите извршени здравствени прегледи за 2022 и 2023 година.