Моторни масла, односно силиконски масла, може да се причина за големата експлозија и огнената топка што следеше по судирот на патничкиот и товарниот воз кај Темпи во централна Грција на крајот од февруари 2023 година во која загинаа 57 лица, покажува извештајот на Националниот политехнички универзитет, јави дописничката на МИА од Атина.

Новиот експертски извештајот за несреќата што беше објавен денеска, а е по нарачка на истражниот судија што ја води истрагата, го спровел професорот Димитрис Каронис од Универзитет во Атина, кој своите наоди ги темели на анализи и податоци од државната хемиска лабораторија.

Професорот, на 123 страници, детално одговара на прашањата што се однесуваат пред се на тоа што ја предизвикало огромната огнена топка по судирот, но и ги анализира силиконските масла, за кои пишува дека под нормални услови не можат да создадат огнена топка, дека се разгоруваат на температури над 330 степени Целзиусови, а под услови на електричен лак можно е формирање на т.н. огнена топка.

- Формирањето на огнена топка во услови на електричен лак со висок напон на струја е можно. Ова значи дека во случајот на трагичната несреќа што се истражува, тоа е исто така можно, бидејќи се забележани блесоци што се припишуваат на електричен лак, пишува во извештајот.

Во продолжение, професорот објаснува дека при пукањето на ѕидовите на трансформаторот на патничкиот вагон што беше единствениот што се запали, било ослободено не само масло, туку и гасови што произлегуваат од распаѓањето на силиконското масло, а „водородот и ацетиленот имаат многу ниска минимална енергија на палење, широки граници на запаливост и висока брзина на пламен“.

експертски извештај за железничката несреќа кај Темпи

Во друг дел од опширниот извештај пишува дека за време на трагичната несреќа што започна по судирот на вагоните и продолжи со пожар, „постоеше ширење на силиконско масло од трансформаторите на електричните возови, а дел од силиконското масло поради високите температури учествуваше во пожарот“.

Железничката несреќа кај Темпи се случи на 28 февруари 2023 година при директен судир на патнички и товарен воз, кои се движеа на иста линија, но во спротивна насока, а животот го загубија 57 лица.