Пред влезот на зградата во атинска населба во која живее пратеникот од владејачката партија Нова демократија Максимос Харакопулос, во текот на ноќта бил поставен импровизиран експлозивен механизам што предизвикал мала материјална штета на влезната врата, јави дописничката на МИА од Атина.
Пратеникот рече дека околу 2.45 часот ги разбудил мирис на чад, за среќа поставените плински боци не експлодирале, туку само се запалиле, а пожарот што веднаш бил изгасен, ја зафатил вратата.
Додаде дека и друг пат бил жртва на вакви дејствија, но посочи дека не знае кој стои зад инцидентот.
За поставениот импровизиран експлозивен механизам реагираа со осуда и од Нова демократија и од грчката Влада преку портпаролот.
Владиниот портпарол Павлос Маринакис посочи дека „нападот врз домот на пратеникот на НД Максимос Харакопулос, е чин на слепо насилство“ и изрази доверба во грчката полиција дека ќе ги идентификува и уапси сторителите.