Министерството за внатрешна безбедност и Тајната служба истражуваат објава на социјалните мрежи објавена од поранешниот директор на ФБИ, Џејмс Коми, која некои американски претставници ја протолкуваа како повик за атентат врз американскиот претседател Доналд Трамп, изјави американската секретарка за внатрешна безбедност Кристи Ноем.

Коми на Инстаграм сподели фотографија од „формација на школки“ на плажа што ги формира броевите „8647“. Објавата брзо беше осудена од администрацијата, републиканските пратеници и сојузниците на Трамп, тврдејќи дека објавата јасно била упатена кон Трамп, 47-от претседател на САД.

Според речникот Меријам-Вебстер, терминот „осумдесет и шест“ (86) неформално може да значи „да се ослободи од“ или „да се елиминира“.

Портпаролот на Тајната служба изјави дека агенцијата „внимателно истражува сè што може да се сфати како потенцијална закана за заштитените лица“.

Додека заменик-директорот на персоналот во Белата куќа, Тејлор Будович го обвини Коми дека објавил „порака која јасно може да се протолкува како повик за убиство на претседателот“.

И синот на американскиот претседател Доналд Трамп Помладиот го обвини Коми дека „ноншалантно повикува на атентат врз неговиот татко“.

Коми негираше дека неговата објава претставувала закана, тврдејќи дека не бил свесен дека луѓето го поврзуваат специфичниот нумерички распоред со насилство.

Не знаев дека некои луѓе го поврзуваат ова со насилство. Тоа не ми падна на памет кога го видов, но јас сум против насилство во сите околности, па затоа го избришав, наведе Коми.

Директорот на ФБИ, Кеш Пател, изјави дека Бирото е подготвено да „ја обезбеди цела потребна поддршка“ на Тајната служба.

Коми четири години беше директор на ФБИ сè додека Трамп не го смени во мај 2017 година. За време на мандатот на Коми, ФБИ почна истрага за наводни врски помеѓу членови на кампањата на Трамп и руски субјекти. Трамп го отпушти Коми неколку месеци откако истрагата стана јавна. Белата куќа како причина за смената наведе дека Коми погрешно ја водел истрагата за користењето на приватниот е-мејл сервер на Хилари Клинтон додека таа беше државен секретар во 2016 година.

По разрешување, Коми стана жесток критичар на Трамп, оценувајќи го како „морално неспособен да биде претседател“ и човек „без етика“