Претставници од регионот и од ЕУ денеска дискутираа на конференција „Унапредување на зелената инфраструктура во Западен Балкан“ организирана од Институтот за добро владеење и политики во животната средина и климатските промени – IPECC Скопје, кој се залага за унапредување на зелените инвестиции преку нивно интегрирање во стратегиите за животна средина.

Конференцијата ја отворија министрите за животна средина и за енергетика, Изет Меџити и Сања Божиновска, кои пред учесниците порачаа дека зелената транзиција повеќе не е избор, туку неопходност за земјите од Западен Балкан и оти таа е воедно и клучен дел од патот кон нивното полноправно членство во Европската Унија.

Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити истакна дека важноста на изградбата на одржлива инфраструктура е глобален предизвик кој бара колективна акција, визија и соработка. Како што рече, начинот на кој ги обликуваме нашите инфраструктурни проекти директно влијае врз квалитетот на животот, економската стабилност, заштитата на животната средина и отпорноста на нашите заедници на климатските промени.

-Стратешките инвестиции во инфраструктура која ги зема предвид климатските ризици и аспектите на биолошката разновидност претставуваат моќна алатка за забрзување на економскиот развој, создавање нови зелени работни места, поттикнување на иновации и исполнување на целите за одржлив развој до 2030 година, рече Меџити.

Посочи и на важноста од интегрирањето на климатските и еколошките аспекти во процесот на планирање и проценка на влијанието врз животната средина, додавајќи дека овозможува носење информирани и долгорочно одржливи одлуки.

-Инфраструктурата која е отпорна на климатски шокови, не само што го заштитува буџетот и јавните ресурси, туку придонесува за стабилност и сигурност за идните генерации, а чекори кои треба да се преземаат се градење и адаптација на системи за управување со ризици кои ќе нè подготват за климатските предизвици, трансформација на енергетскиот сектор кон обновливи извори, модернизација на земјоделството преку ефикасни системи за наводнување и климатски паметни практики, и унапредување на енергетската ефикасност и сеизмичката отпорност на објектите, истакна првиот вицепремиер и министер за животна средина.

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска посочи дека зелената инфраструктура и начините на нејзино унапредување е една од најважните теми за иднината на нашиот регион.

-Во време кога климатските предизвици не ни дозволуваат одлагање, зелената транзиција повеќе не е избор туку неопходност, а за земјите од Западен Балкан таа е воедно и клучен дел од патот кон полноправно членство во ЕУ. Секторите енергетика, рударство и минерални ресурси, кои се често перципирани како тешка индустрија, мора да се трансформираат во двигатели на одржливоста. А тоа значи интеграција на обновливите извори на енергија, одговорно управување со рударството, инвестиции во инфраструктурата која ќе биде зелена, отпорна и долгорочно одржлива, рече Божиновска.

Според неа, клучно е како да се зголеми капацитетот на нашите институции да ги планираат, спроведуваат и апсорбираат средствата кои, рече, „ЕУ ги става веќе на располагање, особено преку механизмите на ИПА 3 и идната финансиска перспектива по 2027 година“.

-Мора заеднички да ги надминеме пречките што досега го забавуваат искористувањето на фондовите. Како можеме подобро да соработуваме регионално затоа што заедно сме посилни и поуспешни во аплицирањето за средства и во реализацијата на проекти од транснационално значење. Ни треба стратегиска подготвеност, институционална координација и визија. Само така може да се затвори јазот помеѓу плановите и реализацијата и да се обезбеди вистинска опиплива промена за нашите граѓани, истакна министерката за енергетика.

Денешната конференција на IPECC Скопје беше поддржана од Фондациите Отворено општество Западен Балкан (Open Society Foundations – Western Balkans), чија програмска директорка, Адријана Лавчиска, во обраќањето рече дека оваа иницијатива е дел од нивната поширока регионална платформа на граѓански и тинк-тенк организации од Западен Балкан. Како што рече, тие заедно работат на различни теми, вклучително и оваа, „за да може гласот на Западен Балкан да се слушне во Европската Унија“.

Посочи дека работат во портфолиото за праведна енергетска транзиција и опфаќаат повеќе теми – од поставување соларни фотоволтаици на покривите на училиштата, преку формирање регионални приоритети и партиципативни политики за клима кои се базираат на потребите на граѓаните и локалните заедници.

-Визијата која ние ја имаме за нашите општества е тие да бидат инклузивни, одржливи, демократски и праведни ... Зелената инфраструктура за нас не е само техничка, таа е политичка, стратешка и треба да биде граѓанска. Зелената инфраструктура за нас не е само изградба на патишта или гасоводи и други инфраструктурни објекти, таа за нас е и градење доверба, отпорност и претставува можност за да може Западен Балкан да стане дел од Европската Унија, истакна Лавчиска.