Токсичните односи разболуваат, уништуваат животи, семејства, кариери, планови,... Живееме во општество кое поддржува нечесност, манипулации, лаги, лажни вредности, лажни дипломи, лажни личности, користољубие,... Се форсираат површноста, егоцентризмот и материјалното. Се „мижи“ пред квалитетот, моралот е заменет со неморал, правдата со неправда, добриот вкус со невкус. Владејат формата и инстант вредностите, а не суштината, вели за МИА Слаѓана Васовиќ, автор на книгата „Преврски“.
Васовиќ, магистер по политички науки и долгогодишен новинар со завидно искуство во печатените, радио и телевизиските медиуми, открива што ја поттикнало да пишува за нарцизмот, нарцисоидната култура, нарцисоидните односи и релации, зошто смета дека се ова исклучително битни, но и „тешки“ теми за кои треба да се разговара, дали воопшто го препознаваме овој феномен, колку како заедница сме сензибилизирани - реагираме или не, укажуваме или се правиме како ништо да не се случува, прифаќаме, колку сме колективно зрели како општество.
Нарцизмот, потенцира, го има секаде - дома, на работните места, во институциите, фирмите,... Не е родово базиран, има и мажи и жени жртви. Нарцисоидната злоупотреба е уникатен облик на насилство, скриен, но целосно разорувачки. Тоа, според Васовиќ, е механизам за заштита на незрелите личности.
Мора да се работи, смета авторката, на создавање амбиент во кој луѓето ќе можат да ги сочуваат својот интегритет и автентичност. Тогаш ќе имаме здраво општество. Тоа е многу поврзано со чувството на почит и самопочит. Мора да се работи и на подигнување на свеста за препознававање на манипулативноста. Треба да се бара искреност. Голем дел од проблемите лежат во комуникацијата. Манипулативноста „расипува“, а искреноста е лекот, колку и да звучи романтично, децидна е Васовиќ.
Од каде интересот за нарцисоидните односи и релации, за нарцисоидната култура, нарцисоидната злоупотреба?
Ќе почнам од нарцисоидната злоупотреба. Д-р Рамани Дурвасула, еден од светските лидери во борбата против нарцисоидната злоупотреба, ги нарекува токсичните или нарцисоидните односи проблем број еден на јавното здравје на денешницава. Но, сето тоа е толку многу прикриено, па и некако не е тема колку што би требало да биде иако се провлекува во повеќе подрачја - семејното насилство, злоупотребата на работното место, мобингот, а потоа и злоупотребата во целото општество. Има психолози кои јасно потенцираат дека мобингот го прават нарцисоидни личности. Колку има мобинг кај нас и колку е можно да се докаже и санкционира?
Семејното насилство е во пораст, мислам дека имаше некој податок дека во последните пет години пораснало за 20 проценти. Но, ова е само она насилство кое е пријавено и само тогаш кога ќе ескалира во физичко. Психичкото или емотивното насилство е секогаш придружник и тука настануваат проблемите. Луѓето не знаат кого и како да алармираат, бидејќи таа злоупотреба е невидлива. Кога ќе ескалира, може да биде фатално, доцна е. Но, и без да ескалира во физичко насилство, погубно е за личноста што го трпи. Подоцна ќе се навратам на општеството, тоа е посебна тема.
Сметам дека затоа е важно луѓето да се едуцираат и да го препознаваат нарцисоидниот феномен навреме, па и да се заштитат. Нарцисоидната злоупотреба е уникатен облик на насилство, скриен, но целосно разорувачки, онеспособувачки по жртвата. Прави многу штета. Скоро бев на семинар што се одржа тука, во Скопје, го водеше професорот Сем Вакнин, еден од најголемите познавачи на феноменот на нарцисоидната злоупотреба и автор на кованицата како и на многу други термини поврзани со неа. Во која смисла? Токсичните односи разболуваат, и ментално и физички, а секако уништуваат кариери, планови, живот, а понекогаш завршуваат и со самоубиства или убиства. Да не зборуваме за тоа дека го уништуваат квалитетот на живот кај оние кои се таргет. Тој изнесе можеби најнов податок дека нарцисоидното нарушување на личноста постои кај 1,7 отсто од популацијата. За нив зборуваме, не за личности со нарцисоидни црти, тоа го имаме сите. Личностите со нарцисоидно нарушување немаат „селф“ или го искусуваат својот „селф“ преку други личности и оттука почнува штетното влијание, погубниот круг на злоупотреба на другиот.
Издадовте книга на оваа тема минатата година. Која беше целта, какви се повратните информации од читателите?
За книгата „Преврски“ има голем интерес и таа стасува до тие на кои им е потребна. Луѓето ми пишуваат постојано колку многу им помогнала. Многу често добивам пораки во смисла - добив јаснотија, охрабрен сум, охрабрена сум да се изборам за себе, да не трпам повеќе. Ова не е родово базирано насилство. Има и мажи и жени жртви. Најновите податоци што ги слушнав на семинарот се дека 50 отсто од оние со нарцисоидно нарушување на личноста се жени.
Драго ми е што на оние кои ја прочитале книгата им олеснува, наоѓаат поддршка и разбирање. Е, сега, колку може само со читање книги да се постигне нешто, не знам ама мало олеснување, чувство дека некој ве разбира и дека не сте сами во тоа, сепак, нешто значи. Како и во сите други ситуации, нашава средина не е многу поддржувачка. Зошто? Па затоа што сите знаат се…Веднаш сите имаат решение што е многу погубно, им создаваат вина на жртвите дека се нашле во тоа, а жртвите и без тоа чувствуваат и срам и вина. Тоа е знак на една колективна незрелост. Ние сме овде на Балканов многу незрели луѓе, на Запад побрзо се шири и прифаќа ова знаење.
Кои се карактеристиките на нарцисоидната личност, како да се препознае?
Недостиг од емпатија или отсуство, само некоја научена емпатија, чувство на привилегираност, „ми се може се“, чувство на посебност, материјалисти се, отсуство на граници на личноста, потреба да контролираат, манипулативност, проекции, отсуство на вина и каење за постапките...
Дали општеството прави нешто против овој тип злоупотреба?
Прави, го поддржува, хаха. Како? Па, така што го поддржува развивањето на тие нарцисоидни токсични обрасци.
На пример, поддржува привилегираност. Таа, пак, ги онеправдува другите. Потоа ги поддржува лагите, лажните ветувања, манипулациите, стекнувањето материјална корист на нелегален начин, користољубието, а да не зборуваме колку поддржува лажни вредности, лажни дипломи, лажни личности. И сега, секаде е присутно насилство, само дали го гледате и дали го доживувате како насилство или го нормализирате. Ние сме средина во која е нормализирано сенешто. Најпрво, живееме во црно-бел свет, што е веќе висок степен на токсичност.
Но, треба да се знае дека нарцизмот е механизам за заштита на незрелите личности.
Тоа се случува и во фирмите, истите овие манири - газдите остануваат без квалитетна работна сила, но не се откажуваат од двојни стандарди, манифестираат непочит кон вработените, нарушена е комуникацијата, постои нечесност, „мижење“ пред квалитетот, непочитување правила без никакви последици. Моралот е заменет со неморал, правдата со неправда, добриот вкус со невкус, дозволено е да има „процеп“ меѓу стварноста и декларативноста.
Кои се последиците?
Па, ние сме десензибилизирани на секаков облик на насилство, како во меѓучовечките односи, така и во општетсвото пошироко. Да, ние го имаме синдромот на „сварена жаба“, тоа често го слушаме, таа е дијагнозата, ама за да ја лечиме треба да ги видиме причините. Како станавме „сварена жаба“ или влеговме во состојба на немоќ, научена беспомошност? Па мене ми се чини со истите методи. Постепено се влегува во таа позиција на пасивност, со долготрајно чекање, сега ќе биде, само што не било, уште овој критериум, уште оваа реформа, уште овие избори…Или уште полошо е кога ќе ве внесат во когнитивна дисонанца, вие едно живеете, а тие ви велат, не, намалена е невработеноста, не ви е намален стандардот, толку и толку пари ви се потребни за да преживеете, а вие гледате дека не е така…
Некои рекоа „доста е, немам време за чекање“ и си заминаа, некои се заборавија во тоа чекање, си ја навлекоа улогата на жртва и си живеат во неа, а тоа е најлошо. Тоа е заглавеноста, кога ќе прифатиш идентитет на жртва. Само тоа не смее. Во човекот мора да се разбуди бунт против секоја неправедна или незадоволителна ситуација, против се што го држи во место. Тоа мислам дека ќе се појави дури кај некои понови генерации кои не поминале низ ова што го раскажав.
Дали можеме да кажеме дека глобално живееме во ера на нарцизмот, со подемот на социјалните мрежи и вреднувањето низ материјалните добра?
Па добро, ние живееме во подем на таква култура на глобално ниво. Тоа е рамката на капитализмот - краткотрајни допамински стимулуси низ материјални успеси и надворешна валидација, а осиромашен внатрешен свет. Убавото е обезвреднето. Човекот заборава дека е креативно и духовно битие и тоа веќе ја покажува цената. Владејат формата, инстант вредностите, а не суштината. Во криза се меѓучовечките односи, а токму пред некое време седумдесетгодишното истражување на Харвард покажа дека социјалните интеракции се тие што се најзаслужни за чувството на среќа.
Повеќе од очигледно е дека нагласокот е на површноста, егоцентризмот и материјалното.
Што може да се преземе?
Па, на пример, да се работи на подигнување на свесноста, да се препознава манипулативноста и да се бара искреност. Јас верувам дека голем дел од проблемите лежат во комуникацијата. Верувам дека манипулативноста ги расипува работите, а искреноста е лекот, колку и да звучи романтично. Емпатичноста лекува.
Ја читав книгата „Нулта емпатија“ на професорот од Кембриџ, Симон Барон Коен, кој раскажува анегдота за двајца родители од палестинска и од израелска страна кои ги изгубиле своите синови во судирите па тргнале да ги раскажуваат своите трагични приказни во верските храмови на спротивната страна. Вели, „верувам многу повеќе во оваа моќ отколку во која и да е друга сила“.
Ќе не биде ако се помалку играме некои улоги што се очекуваат од нас, а се повеќе работиме на интегритетот и автентичноста. Тоа подразбира и да се научи да се поставуваат граници и лично и како општество, тоа ќе не сочува. Тие што мислат дека контролата на надворешното мислење и надворешните фактори се решение, мислам дека многу грешат. Значи, создавање амбиент во кој луѓето ќе можат да го сочуваат својот интегритет и автентичност и тогаш ќе имаме здраво општество. Тоа е многу поврзано со чувството на почит и самопочит.
Преку купени дипломи се постигнува слика за себе, но не и суштинско чувство дека тоа образование се носи… И тоа е тажно. По некое време, тие со купена диплома почнуваат да веруваат во тоа што пишува на дипломата, па дури и дека го имаат тоа знаење. Кога партијата ќе додели некому моќ, тој верува дека ја носи, ја има, ја стекнал. Но, тоа го нарушува квалитетот, ја нарушува довербата меѓу луѓето. Исто така, колку повеќе валидацијата доаѓа однадвор, толку повеќе во нас се отвора празнина. Не ја живееме сопствената вистина, а тоа е истовремено и саботажа на креативноста, на вистинските вредности и на здравиот разум.
Мирјана Чакарова