Кина смета дека државите членки на Шангајската организација за соработка (ШОС), кои се пријателски настроени кон Русија, мора да бидат „сидро на стабилност“ во време на меѓународни немири.

Како што пренесе ДПА, ова го изјави министерот за одбрана Донг Јун на состанокот со неговите колеги од земјите на ШОС во крајбрежниот град Кингдао во источна Кина. Тој рече дека Народна Република Кина е подготвена решително да ја брани меѓународната правда заедно со овие држави.

Состанокот во Кингдао се одржа речиси истовремено со самитот на НАТО во холандскиот град Хаг.

На самитот во Холандија во средата, земјите од НАТО се обврзаа да инвестираат пет проценти од нивниот бруто домашен производ (БДП) во одбрана и безбедност секоја година најдоцна од 2035 година – повеќе отколку во кој било период од Студената војна.

Кинеското Министерство за надворешни работи остро ја критикуваше оваа одлука. Портпаролот на кинеското МНР Гуо Џиакун во Пекинг изјави дека „НАТО ги зголемува меѓународните тензии и го клевети кинеското воено зајакнување како изговор за проширување на своите граници и напредување кон исток и во Пацифичкиот регион“.

- Ако НАТО се грижи за безбедноста во Европа и светот, треба да престане да ја поттикнува конфронтацијата, додаде тој.

Русија, Кина и централноазиските држави како Казахстан и Киргистан првично ја основаа ШОС во 2001 година за борба против тероризмот и промовирање на економската соработка. Сега таа опфаќа 10 земји, вклучувајќи ги Иран, Индија, Пакистан и Белорусија.