Три големи и една средна банка од земјава се впишани во Европскиот совет за плаќања (ЕПС) со што практично започна и членувањето на земјава во Единствената област за плаќање во евра (СЕПА).
Овие банки ќе започнат со вршење на кредитните трансфери во СЕПА од 6 октомври годинава, информираше денеска Народната банка.
Се очекува и останатите осум деловни банки, кои најавија дека ќе поднесат барања во периодот од јуни до август годинава да бидат впишани во регистарот на ЕПС и да започнат со вршење на плаќањата во рамки на СЕПА.
На 6 март годинава, ЕПС го прифати барањето за членство што го достави Народната банка со што станавме членка на Единствената област за плаќање во евра (СЕПА). Со ова се овозможи приклучување на домашните банки во европските платежни шеми преку кои се извршуваат плаќањата во евра, во географски опсег од 41 земја членка.
Интеграцијата на банките од земјава во европскиот платежен екосистем носи бројни придобивки за граѓаните и за компаниите – пред сѐ побрзи, поефикасни и поевтини прекугранични плаќања во евра, како и поголема економска поврзаност и активност, велат од Народната банка.