Во првите три квартали од 2016 година, во Регистарот на цени и закупнини се запишани вкупно 19.798 трансакции со недвижности, од кои 56 % се однесуваат на продажби, 33 % на закупи, 8 % на продажби од инвеститор и 3 % на откупи од Република Македонија.

Само во третиот квартал од 2016 година во Регистарот на цени и закупнини се запишани вкупно 5.954 трансакции, што претставува пораст во однос на вториот квартал за 34 трансакции. Доколку се направи споредба со истиот квартал минатата година, кога беа регистрирани 3.813 трансакции, оваа година се забележува пораст на трансакциите за 36 %.

„Најголем број трансакции во овој квартал се забележани во септември, и тоа 2.174 трансакции, додека најмал број трансакции се регистрирани во јули само 1.801. Што се однесува до продадените новоградби, во овој квартал се регистрирани 646 продажби, што претставува зголемување за 147 продажби во однос на вториот квартал од 2016 година, кога беа регистрирани 499 продажби на новоградби“, вели директорот на Катастарот, Славче Трпески.

Во овој квартал, додава Трпески, во согласност со податоците од базата на катастарот на недвижности има 2.807 новоизградени станови кои се непродадени и кои се нудат на пазарот со недвижности, додека во тек на градба се 8.332 стана на целата територија на Република Македонија.

Во вториот квартал од 2016 година се регистрирани 2.842 непродадени станови кои се нудеа на пазарот на недвижности и 7.969 станови кои се во тек на градба. Доколку се споредат овие два квартала, може да се забележи намалување на непродадените станови, и тоа за 35 стана и пораст на становите кои се во градба, односно 363 стана кои треба да бидат понудени на пазарот на недвижности.

Цената на метар квадратен станбен простор во општина Центар во третиот квартал од 2015 година изнесувала 58.143 денари, додека во овој квартал изнесува 55.173 денари што претставува пад на цените на станбениот простор во оваа општина за 2.970 денари. За разлика од општина Центар, во општина Аеродром има пораст на цената на становите, односно во третиот квартал од 2015 година цената на еден метар квадратен станбен простор изнесувала 49.627 денари, додека во третиот квартал од 2016 година изнесувала 55.462 денари што претставува пораст на цената за околу 5.835 денари. Во општина Карпош има намалување на цената на становите од 2.645 денари во третиот квартал од оваа година во споредба со истиот квартал минатата година.

Што се однесува до општините надвор од Скопје, стабилна цена на станбениот простор има во општина Струмица каде што во третиот квартал од 2015 година е регистрирана цена од 30.603 денари, а за истиот период оваа година е регистрирана просечна цена од 31.320 денари. Во општина Битола е забележан голем пад на цените на станбениот простор и во третиот квартал од 2015 година просечната цена на метар квадратен изнесувала 31.713 денари, а во третиот квартал од 2016 година цената изнесувала 23.402 денари што претставува пад од 8.311 денари.